Големо зголемување на даноците во Грција

„Шок и ужас за даночници обврзници во Грција, бидејќи налозите што ги дибија за плаќање сега се двојно повисоки од минатата година“, пишува весникот „Катимерини“.

Весникот подвлекува дека ова се должи на зголемувањето на даноците, што произлезе од договорот меѓу владата и меѓународните кредитори во замена за доделување на последната финансиска инјекција на земјата.

Податоците покажуваат дека даноците просечно се зголемени за 35-40 отсто, а во некои случаи зголемувањето е и двојно.

Така на пример, даночните обврзници со годишни примања од околу 66.000 евра во 2015 година и 76.000 евра во 2016 година сега треба да платат 21.646 евра, додека минатата година оваа сума изнесувала 10. 692 евра. Плаќањето на даноците се изведува со уплати.

Весникот „Прото тема“ коментира дека зголемувањето на даноците се должи на спогодбата, потпишана од владата со меѓународните кредитори на земјата во рамки на третиот спасувачки пакет финансиска помош.

Договорените измени при оданочувањето ќе зафатат приближно 2,5 милиона даночни обврзници.

Шокот е огромен и од него нема да можат да избегаат дури и оние со ниски приходи, под 800 евра, пишува весникот и дополнува дека драмата доаѓа од тоа што оние кои годинава добиле помалку пари ќе платат повеќе, а оние кои пријавиле повеќе (над 100.000 или 200.000 евра во 2016 година) сега треба да платат 80 отсто од своите приходи.

Што се однесува до луѓето со најниски плати, кои живеат со 650-750 евра месечно (односно секој четврти вработен и двајца на секој трет пензионер), годинава ќе треба да платат по 100 евра, додека до минатата година оваа  категорија не плаќаше данок на доход.

Заради ваквите даноци лекарите, адвокатите и претприемачите размислуваат дури и да затворање на своите кабинети и канцеларии, бидејќи гледаат дека државата ги ограбува.