Голот на Интер мотив плус за Балотели

Новото, 36. коло во италијанската Серија А, ќе помине во знакот на дерби натпреварот помеѓу лутите градски ривали Милан и Интер.

И двата тима се во игра за двете места кои водат во групната фаза од најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа, но без право на кикс се само фудбалерите на Милан.

Дуелот на “Сан Сиро” сигурно ќе привлече екстра внимание и поради настапот на најконтроверзниот фудбалер на денешницата, Марио Балотели кој ќе биде главното оружје на Милан, додека најверните фанови на Интер, најмногу очекуваат од аргентинскиот интернационалец, Мауро Икарди.

“Ќе пробаме да освоиме девет бода во последните три натпревари од актуелната сезона. Според мене, Милан веќе анулира голем дел од негативата која ја имаше на крајот од есенскиот дел. Сите знаат дека Милан сега има една јасна цел, пласман во Лигата на Европа. До таа цел ќе биде многу поблиску ако го победиме градскиот ривал. Сепак, и тие девет бода можно е да бидат недоволни доколку Верона, Лацио или Торино слават во последните три натпревари”, изјави предводникот на “росонерите”, Кларенс Сидорф.

Денеска на програмата: Катанија – Рома, Киево – Торино, Џенова – Болоња, Парма – Сампдорија, Удинезе – Ливорно, Милан – Интер.