Голужа: Во балканското дерби влегуваме опуштено, шансите се подеднакви

Во пресрет на утрешниот, можеби одлучувачки за првото место во групата натпревар, селекторот на хрватската репрезентација имаше само пофални зборови за нашиот национален тим.

“Утре играме против Македонија, не треба многу да се трошат зборови, ќе го повторам она што цело време го зборувам, тоа е група на играчи што во текот на целата година е заедно. Тие доаѓаат воглавно од два клуба, Вардар и Металург, предност им е што подобро се познаваат меѓу себе. Она што ме импресионираше кај нив, а кога ќе погледнам кој ги тренира во Металург, тоа не ме зачудува, дека имаат извонредна спортска дисциплина. Имаме голем респект за утрешниот противник, знаеме дека тие ќе влезат во мечот максимално мотивирано бидејќи тоа ќе биде вистинско балканско дерби. Ние ќе влеземе во мечот опуштени, ќе гледаме да одиграме најдобро што знаеме, според мене шансите за триумф се 50-50. Мислам дека против Иран одработивме онака како што замисливме и посакувавме, повозрасните го одработија своето на вистински начин, добија одмор, а младите ја превзедоа одговорноста и одлично ја завршија работата, пред се во второто полувреме” – изјави Славко Голужа на прес-конференцијата на хрватскиот национален тим.