Гонзалес: Младите мора да добијат повеќе шанси

Ракометната репрезентација на Македонија во понеделникот се собра во Скопје во пресрет на априлската „ЕХФ недела“, којашто е резервирана за репрезентативни настапи.

Ова е прв собир на ракометарите по настапот на Европското првенство во Хрватска, а селекторот Раул Гонзалес повика комбиниран состав од вкупно 19 ракометари. Меѓу нив ќе ги нема Миркуловски, Јоновски, Прибак и Филип Лазаров, а шанса ќе добијат играчи како Крстевски, Димитриевски и Серафимов. На првата прозивка не се појавија ниту Кире Лазаров и Борко Ристовски кои имаа обврски со своите клубови.

Македонската репрезентација ќе тренира двапати дневно во салата „Борис Трајковски“.

„Имаме една недела да тренираме, да пробаме нови играчи и на пријателскиот натпревар со Русија во сабота сите играчи ќе добијат шанса. Верувам во играчите и очекувам од нив да продолжат со добрите игри. Мора да дадеме повеќе шанси на младите, бидејќи видовте што се случи на ЕП. Киро (Лазаров) се повреди и мораше да игра Мартин (Велковски), затоа е потребно младите да имаат поголема шанса да тренираат“, истакна селекторот Раул.

Мечот со Русија, кој ќе биде од затворен карактер, ќе се игра вo сабота на 7-ми април, додека двата натпревара со Романија, преку кои во јуни ќе се брка пласман на СП во Германија, се играат на 10-ти и 13-ти јуни во Клуж, односно Скопје