Гонзалес: Ова е само прво полувреме, победникот ќе се решава во Киелце

Сите во таборот на Вардар со нетрпение го очекуваат саботниот дуел против Киелце, прв во четвртфиналниот двомеч кој ќе го даде патникот на фајналфот турнирот во Келн. “Црвено-црните” лани беа запрени токму во оваа фаза од натпреварувањето, но тоа е само мотив плус за нив годинава да направат чекор напред и да се најдат во самиот крем на европскиот ракомет. Ривалот воопшто не е наивен, Киелце е тим што со години наназад поседува фантастичен квалитет, а од лани на клупата го има и Талант Душебаев, таткото на вардаровиот бек Алекс Душебаев.

“Ова е последна домашна средба, воедно и најважна за нас оваа сезона. За мене Киелце е еден од најдобрите тимови во ЛШ, заедно со Барселона, Кил и Веспрем. Тие се многу опасни и мораме да бидеме внимателни во текот на сите 60 минути, но во секој случај ова ќе биде само прво полувреме бидејќи победникот на двомечот ќе се решава во Киелце. Подготвени сме за предизвикот, би сакал да играме како што игравме против Висла, максимално сконцентрирано од првата до последната минута. Киелце и Висла се многу слични тимови, имаат цврста одбрана и опасни шутери, Агинагалде е еден од најдобрите пивоти во светот, но секој меч е различен, а во секој случај многу работи ќе зависат од нашето издание”
– изјави тренерот Раул Гонзалез.

Сличен коментар имаше и капитенот Филип Лазаров, кој ги повика сите оние кои останале без билет за овој значаен меч да дојдат пред салата “Јане Сандански” и да го проследат спектаклот на видеобимот кој ќе биде поставен таму.

“Пред почетокот на сезонава си поставивме цел да се пласираме на Ф4. Иако знаевме дека тоа е многу тешко, стигнавме до последниот чекор за кој се знае дека вообичаено е најтежок. Не треба да се трошат зборови на квалитетот на противникот, но ние се фокусираме на нашата игра, за да се прикажеме во добро светло, па дури и да го одиграме најдобриот меч сезонава. Најважно е да стигнеме до победа, која би ни ги одржала шансите за пласман на Ф4 во Келн. Би сакал да ги повикам сите наши фанови кои не дојдоа до билет, и да имавме сала од 15.000 седишта сигурно ќе беше исполнета, да дојдат до салата и да го гледаат мечот на видео-бим. Претходно играат и нашите колешки од ЖРК Вардар, па се надеваме на фантастичен ден за ракометниот колектив Вардар” – истакна Филип Лазаров.