Спорт

Гонзалес: Само со цврста одбрана до триумф против Некар Ловен

Гонзалес: Само со цврста одбрана до триумф против Некар Ловен

По повод неделниот меч помеѓу Вардар и Рајн Некар во рамките на третото коло од ракометната Лига на шампиони, ракометниот клуб на Вардар денеска одржа прес-конференција.

Очекувано, стратегот на „Црвено-црните“, Раул Гонзалес, истакна дека очекува тежок натпревар против германскиот противник.

„Не очекува многу тежок дуел против еден од најдобрите тимови во Бундеслигата. Се соочуваме со лидерот на германската лига кој игра многу добро во одбраната и го имаат според мене еден од најдобрите голмани на светот. Згора на тоа, премногу се брзи во контра-нападите па затоа ќе мора да бидеме многу внимателни“, изјави тренерот на Вардар.

„Мора да играме подеднакво добро на сите позииции, но најмногу внимание ќе треба да посветиме на одбраната. Повеќе од јасно е дека играме проти силен ривал, но кога играме во Скопје мора да играме максимално и да дадеме се од себе за да дојдеме до успех“ порача Гонзалес.

Македонскиот вицепрвак Вардар во недела (12 октомври), со почеток во 19.30 часот во спортскиот центар „Јане Сандански“ го пречекува германскиот Рајн Некар Левен.

Избраниците на Раул Гонзалес во првите две кола остварија две победи и тоа над Целје и Чеховски Медведи, додека германската екипа има половичен успех, односно го совладаа францускиот Монпеље, но во вториот меч загубија од Веспрем.

Овој натпревар е прогласен за меч на колото, па поради тоа ќе биде директно пренесуван на официјалниот канал на ЕХФ, а популарниот коментатор Том О’Бранаган веќе подготви спектакуларна најава давајќи комплименти не само за мечот, туку воопшто и за Скопје.