Гонзалес: Со еден или два бода имаме сигурно трето и големи шанси за второ место

РК Вардар продолжува со настапите во Лигата на шампионите в сабота, со мечот против Монпелје, во 9. коло од групната фаза. Тоа воедно ќе биде последен натпревар на домашен терен од првиот дел од ЛШ и шанса за нашиот клуб да се зацврсти на второто место во групата.

“Ќе играме многу важен меч. Моментално се наоѓаме на втората позиција во групата и ако освоиме еден или два бода ќе го осигураме третото место, а потоа во Рајн-Некар ќе се бориме за второ. Играме против Монпелје, кој е лидер во француското првенство и има одличен тим со многу добри ракометари. Тие играат многу незгоден ракомет за нас, играат различни одбрани, 3-2-1, 6-0, 5-1 и тоа е многу тешко за нашиот напад. Имавме цела недела за тренинзи, по трите натпревари во СЕХА-лигата екипата од ден на ден е сѐ подобра и очекувам добро да одиграме в сабота”, изјави тренерот Раул Гонзалес.

И Филип Лазаров посака победа од овој меч затоа што потоа ќе остане гостувањето кај Рајн-Некар со кој ќе се решава директно за втората позиција.

“Нѐ очекува тежок натпревар в сабота, против првопласираната екипа во француската лига, а тоа е втората лига по квалитет во Европа, по германската. Монпелје има добри резултати и во ЛШ, победија на гости кај Целје и кај Чеховски, беа во игра за бодови и во Веспрем до самиот крај. Затоа не очекува навистина тежок меч, кој е од голема важност за нашата позиција на табелата. Има неколку ситни повреди во нашиот тим, но се надевам дека до сабота ќе бидат добри, дека со максимални сили и со цел кадар ќе успееме да извојуваме победа”, рече Лазаров.

Раул ја потврди информацијата за повредените и откри дека станува збор за Тоскиќ, Душебаев, Прибак и Марковиќ, но охрабри дека може да бидат подготвени за в сабота. Мечот се игра во 19 часот.