Гонзало Игуаин ќе го “спасува” нападот на Јунајтед

Англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед ќе ангажира нов елитен напаѓач откако одлучи да не го откупи договорот на Радамел Фалкао.

Колумбиецот дојде на “Олд трафорд” на едногодишна позајмица, но наместо да импресионира и да ги примора раководните луѓе на клубот да го откупат целосно неговиот договор, тој комплетно разочара.

По неговото заминување јасно е дека на Луј ван Гал му е потребен нов голгетер, посебно што се уште не е познато дали и Робин ван Перси ќе остане во клубот.

Медиумите на Островот најавуваат дека Манчестер Јунајтед тргнува по Гонзало Игуаин, фудбалерот на Наполи. Откако “наполитанците” не се пласираа во квалификациите на Лигата на шампионите, а Игуаин иако даде два гола, во вториот дел не реализира пенал, јасно е дека амбициите на тимот од Неапол се намалени. Можеби е ова и вистинско време за да го продадат Игуаин и да почнат со изградба на нов тим.

Манчестер јунајтед е подготвен да плати 60 милиони евра како отштета за Аргентинецот, а останува да се види дали тоа ќе биде доволно за тој да се пресели на “Олд трафорд”.