Горан Милевски е нов претседател на ЛДП

Денеска се оддржа 6-тото Собрание на Либерално Демократската Партија. Собранието на ЛДП за нов партиски претседател го избра кандидатот Горан Милевски, а за генерален секретар беше ре-избран досегашниот генерален секретар, Дуфе Кукоски.

Од партијата соопштуваат дека меѓу активностите на Собранието на ЛДП било и усвојување на нов партиски статут, како и две резолуции:

  • Резолуција за поддршка на микро и мали бизниси „Да овозможиме микро и малите бизниси да дишат“, како и
  • Резолуција за доследна одбрана на загрозените права и слободи на граѓаните на Република Македонија.

Покрај собраниските документи, Собранието усвои и посебна изјава по повод вчерашните случувања, која гласи: „ЛДП најостро го осудува начинот на кој владеачката гарнитура и нејзините институции излегоа пред јавноста по повод таканаречениот случај „Пуч“. ЛДП искажува недоверба во капацитетот на институциите да се справат со случај во кој и самите се инволвирани, како и највисоките државни и политички субјекти“.

Собранието на ЛДП исто така додели плакета и на долгогодишниот член, професор д-р Ѓорѓе Марјановиќ за своето децениско залагање за развој на демократијата, плурализмот, како и за неговите заложби Македонија да стане пристојно место за живеење.