Горбачев добил гаранции од Западот дека НАТО нема да се проширува кон Русија

Новообјавени документи од Националниот архив на САД покажуваат дека во раните 1990-те години  водечки американски и германски политичари му дале уверувања на последниот советски лидер Михаил Горбачев дека НАТО нема да се прошири на Исток.

Според документите, кои ги објавија истражувачи од факултетот „Џорџ Вашингтон“, Михаил Горбачев се спротиставувал на обединувањето на Германија по падот на Берлинскиот ѕид и „Железната завеса“ и се согласил на тоа само откако добил гаранции дека НАТО нема да се прошири на истокот кон Русија, односно тогашниот СССР.

Горбачев се среќавал со американскиот државен секретар Џејмс Бејкер и со претседателот Џорџ Буш постариот, германскиот канцелар Хелмут Кол и министерот за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер, лидерите на Франција и Велика Британија, Франсоа Митеран и Маргарет Тачер, тогашниот директор на ЦИА Роберт Гејтс и генералниот секретар на НАТО, Манфред Вернер.

Сите му дале гаранции дека доколку Советскиот сојуз, односно Русија, го прифати обединувањето на Германија, НАТО нема да се прошири кон истокот, тврдат истражувачите Светлана Савранскаја и Том Блантон, кои објавија триесетина архивски документи од овие средби.

НАТО сепак се прошири во 1999 година, со приемот на Чешка, Унгарија и Полска, а подоцна прими вкупно 13 нови членки, зголемувајќи го бројот на членки на 29.

Руски политичари, пред сѐ, претседателот Владимир Путин, во неколку наврати укажаа дека западните земји ги погазиле нивните гаранции дека нема да има проширување на НАТО кон исток по падот на Берлинскиот ѕид.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.