Горбачов: Неможеме да дозволиме да дојде до појава нa нов Берлински ѕид

Поранешниот советски претседател Михаил Горбачов по неговиот вчерашен разговор со германскиот канцелар Ангела Меркел упати силен повик за помирување меѓу Русија и Европската унија , пренесе МИА, повикувајќи се на ДПА.

– Не можеме да дозволиме да дојде до појава на нов Берлински ѕид, рече тој по 40-минутниот разговор со Меркел, посветен на сегашната тензија околу кризата во Украина. Според него, сите треба да вложат напори и да се надминат актуелните проблеми.

Според германскиот владин портпарол, за време на разговорот Меркел од своја страна го истакнала големото значење на германско-руските односи на долгорочен план, и покрај сите разлики меѓу нив.

Горбачов (83), на крајот од минатата недела, во германската престолнина учествуваше во празнувањата по повод 25-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Оттаму тој силно го прекори Западот, а и предупреди на опасноста од нова студена војна во контекст на украинскиот конфликт.