Горбачов: САД и ЕУ да ги одмрзнат односите со Русија

Поранешниот претседател на Советскиот сојуз и добитник на Нобеловата награда за мир, Михаил Горбачов ги повика САД и Европската унија да „ги одмрзнат односите“ со официјална Москва, и покрај тензиите околу украинската криза.

Горбачов во напис објавен во весникот „Росијскаја Газета“ наведе дека кризата во Украина го наведе Западот не само да воведе санкции против Русија, туку и да го намали обемот на соработка за цела низа светски прашања, од борбата против тероризмот, преку климатските промени, до епидемиите од разни болести.

– Итно мораме да ги одмрзнеме односите. Предлагам лидерите на Русија и САД да размислат за одржување на самит за многу теми, без претходни условувања…Ист таков самит мораат да одржат и Русија и Европската унија, истакна последниот претседател на СССР.

Русија и САД „имаат посебна одговорност“, наведе Горбачов и додаде: „Кога тие ќе ги кренат рацете од овие одговорности, светот доживува страшни последици“.

– Двете страни треба да се отргнат од своите идеолошки позиции. Не треба да стравуваме дека некој ќе го загубити угледот или дека некој друг ќе победи во пропагандната војна. Тоа се треба да му припаѓа на минатотот. Сега треба да размислуваме за иднината, рече Горбачов.

Горбачов предупреди дека актуелните меѓународни напори за надминување на украинската криза „не се пропорционални со опасноста што на сите им се зканува“.

Тој додаде и дека „двете страни во украинскиот конфликт го прекршуваат прекинот на огнот, двете страни се виновни за користењето на посебно опасните видови орудија и за кршење на човековите права“.

Поранешниот советски претседател, исто така, ја поддржа руската анексија на Крим, додавајќи дека официјална Москва имаше право кога во март ја исправи историската неправда што Крим за време на Советскиот сојуз му бил даден на Украина.

– Тоа треба да биде поздравено, а не заради тоа да се воведуваат санкции, истакна Горбачов.