Горбачов: Светот е на прагот на нова Студена војна

Во своето  обараќање на Симпозиумот по повод 25-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, што се одржува во главниот град на Германија поранешниот советски лидер Михаил Горбачов изјави дека актуелните тензии меѓу големите светски сили го доведоа светот на прагот на нова Студена војна.

– Крвавите настани во Европа и на Блискот Исток во услови кога во пракса имаме прекин на дијалогот меѓу државите, предизвикува огромна загриженост. Светот е на работ на нова Стдиена војна, а некои велат дека таа веќе е и почната, истакна Горбачов.

Тој го обвини Западот, а пред се САД, дека по распадот на некогашниот комунистички блок „му се препуштиле на триумфализмот“, што довело до создавањето на сегашните односи во глобални рамки.

Последниот претседател на некогашниот Советски Сојуз повика на изгрдаба на нова доверба и воспоставување на дијалог меѓу Москва и Западот, апелирајќи при тоа до западните земји да ги укинат санкциите кон руските официјални претставници, што беа воведени поради кризата во Украина.

– Изгледаше дека Европа ќе стане пример за другите региони со создавањето на стабилен систем за взаемна безбедност и лидер во решавањето на глобалните проблеми. Но, случувањата тргнаа во друга насока. Европската и глобалната политика паднаа на испитот на новите услови во глобалниот свет по Студената војна, порача Горбачов.

Според него, ако Европа не успее да воспостави безбедност на своето тло, тогаш таа ќе стане неважна при носењето одлуки за глобалните прашања.

Горбачов се заложи и за зајакнување на односите и на соработката меѓу Русија и Германија. Тој рече дека без руско-германско партнерство неможе да има безбедност во Европа.