Горбачов: Убиството на Немцов е обид да се дестабилизира ситуацијата во Русија

Последниот претседател на Советскиот сојуз Михаил Горбачов изјави дека убиството на опозицискиот лидер Борис Немцов е осмислена политичка акција, пренесе МИА.

Тој смета дека една од причините за убиството на опозицискиот лидер е дестабилизацијата на ситуацијата во Русија, а исто така не ја исклучува можноста дека тој чин би можел да биде искористен за зајакнување на безбедносните мерки во земјата, но во интерес на антируските сили во странство.

– Злосторството на Москворечкиот мост, убиството на Борис Немцов, тоа е обид да се отежне ситуацијата, можеби и да се дестабилизира, да се зајакнат конфронтациите, рече Горбачов за Интерфакс, јави Танјуг.

Тој апелираше да не се брза со изнесување заклучоци.

– Треба да се стори се за извршителите на злосторството да бидат пронајдени, додаде Горбачов.

На прашањето дали смета дека сега би можеле да се слушнат повици за воведување вонредна состојба во државата, Горбачов вели дека не ја исклучува таа можност.

– Но доколку се тргне по тој пат, тогаш ситуацијата во земјата уште повеќе ќе се искомплицира, предупредува Горбачов.

Тој исто така не ја исклучува можноста ова убиство да биде искористено од антируските сили во странство.

– Секако некои сили ќе се обидат за своите цели да го искористат ова злосторство…Тие размислуваат за тоа како да се ослободат од Путин. Сметам дека на Западот нема да се определат за тој чекор…Сепак, убијците сигурно на тоа сметале, додаде Горбачов.

Тој додаде дека организаторите треба да се бараат во Русија, а не во САД и Украина, со кои Немцов во последно време беше поврзан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.