Ѓорческа ги одработува последните подготовки пред Вимблдон

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа изминатите денови интензивно се подготвува за настап во квалификациите на Вимблдон, третиот Грен слем турнир во календарската година.
„Првпат ќе настапам на Вимблдон, а воедно и за првпат ќе играм на турнир со тревната подлога. Се надевам дека условите нема да ми бидат пречка. По таа причина и порано ќе заминам за Лондон, да имам време 4-5 дена да се прилагодам на подлогата, изјави Ѓорческа.

Тренерот Димитар Лабудовиќ за настапот на Ѓорческа на Вимблдон истакна дека „Сезоната на турнири на трева е куса. Кај нас нема таква подлога, па Лина мора да се прилагодува и да тренира на тврда подлога и се надевам дека брзо ќе се адаптира“.

Македонската темисерка последните месеци настапите на фјучрс турнирите од ланската година ги замени со настапи на ВТА турнири. Изминативе денови таа тренираше заедно и со Томислав Јотовски, кој исто така се подготвува во Скопје на терените на „Тенис парк“ за настапите кои го очекуваат.