Ѓорчев: И Уставот и Законот се јасни – Јанева е одговорна пред Собранието

И Уставот и Законот се јасни и велат: Катица Јанева е одговорна пред Собранието на Република Македонија. Тука нема и не смее да има никаква дилема. Госпоѓата Јанева е јавен функционер и не треба, не може и не смее да се става над Уставот, Законот и Собранието на Република Македонија, посочи на денешната прес конференција претседателот на Комисијата за политички систем Владимир Ѓорчев, по повторното одложување на седницата поради неприсуството на специјалната јавна обвинителка.

Интегрален текст од изјавата на Ѓорчев:

Највисокиот државен акт, Уставот на Република Македонија, во својот член 68 му дава обврска на Собранието на Република Македонија да врши надзор и контрола над сите вршители на јавни функции кои се одговорни пред Собранието.

Таа надлежност на Собранието никој не може и не смее да ја оспори или суспендира.

Во исто време Законот за ова обвинителство во својот член 7, став 1 јасно и недвосмислено вели, цитирам: Јавниот обвинител (се мисли на госпоѓата Катица Јанева) ќе биде одговорен за неговата работа пред Собранието на Република Македонија.

И Уставот и Законот се јасни и велат: Катица Јанева е одговорна пред Собранието на Република Македонија. Тука нема и не смее да има никаква дилема.

Госпоѓата Јанева е јавен функционер и не треба, не може и не смее да се става над Уставот, Законот и Собранието на Република Македонија.

Не ја разбираме потребата на госпоѓа Катица Јанева да не дојде на седница на Комисијата за политички систем и јавно, транспарентно, демократски, пред сите пратеници и пред претставниците на медиумите да даде образложение за својата работа.

Транспарентност мора да има.

Отчетност мора да има. Демократска контрола предвидена со Уставот и Законот мора да има.

Никој во Република Македонија не може и не смее да се става над Уставот и Законот.

За ваша информација, Јавните обвинители Марко Зврлевски и Љупчо Шврговски редовно присуствувале на седници на Собранието на Република Македонија и давале одговори на пратенички прашања.

Претседателите на Советот на јавни обвинители Костадин Кизов и Петар Аневски редовно присуствувале на седници на Собранието и поднесувале извештај за работата на институцијата со која раководат.

Претседателите на Републичкиот судски совет секогаш се одзивале на поканите и дискутирале со пратениците на седници на Собранието на Република Македонија.

Народниот првобранител секогаш е присутен на седница на Собрание кога разгледуваме Извештај за неговата работа.

Во ниту еден материјален закон не е напишана, како за првачиња, обврска да бидат лично присутни пред Собранието за сите овие и многу други јавни функционери, но никој до сега не се обидел да го прекрши Уставот на Република Македонија. Сите доаѓаат кога се поканети и одговараат за својата работа пред Собранието на Република Македонија како највисок дом на оваа држава.

Нема исклучок и не смее да има исклучок. Ова Собрание е единствениот орган кој е надлежен да води контрола над сите овие институции.

Доколку госпоѓата Катица Јанева или Претседателите на Советот на јавни обвинители, на Републичкиот судски совет, Јавниот обвинител, Народниот правобранител и други вршители на вакви функции не одговараат пред Собранието преку своите Извештаи или во форма на одговори на пратенички прашања, во оваа држава ќе настане самоволие и кршење на основните принципи на владеење на правото и правната држава. Зборуваме за основните елементи на поредок во една држава.

Жалам што СДСМ е адвокат на госпоѓата Катица Јанева и се обидува да го оправда нејзиното недоаѓање на седница на Комисијата.

Заради потврда на информациите, сакам да ве известам дека и за денешната и за седницата во понеделникот испратена е уредна покана до Јанева, за што постојат и докази. Неточни се тврдењата дека не добиле покана.

Комисијата за политички систем, но и сите други комисии и работни тела кога разгледуваат било каков материјал мораат да држат седница исклучиво во присуство на подносителот на материјалот. Тоа секогаш се почитувало и се барало од страна на сите пратеници без разлика на која партија припаѓаат.

Дозволете ми да ве информирам дека седницата на Комисијата ќе продолжи утре во 13 часот. Госпоѓата Јанева има уставна и законска обврска да биде присутна на таа седница.