Ѓорчев: Оне кои се борат против неправдата ќе бидат запаметени во историјата

На денешниот протест пред Министерството за правда организиран од ВМРО-ДПМНЕ, пред граѓаните се обрати Влатко Ѓорчев. Тој кажа дека продолжува она што се нарекува потрага по право, по правдина, по слобода.

-Нема слобода таму каде што во затвор се пратеници, каде што во затвор се уметници, каде што во затвор се актери, режисери, блогери, административни службеници и останати службеници. Нема слобода во државата каде што мора да се шепоти, нема слобода во државата каде што се брои кој на кого лајк му стиснал на опозициона сторија или каде што мора да се шепоти нешто што се критикува, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев праша дали некој што не е политички определен, кој не е член на ниту една партија, живее подобро во минативе шест месеци, колку што на власт е СДСМ. Тој праша дали е зголемена платата на полицајците, службениците, дали е зголемена пензијата, дали бензинот е некаде поевтин.

-Не е решен ниту еден проблем во Македонија, а проблемите секој ден се зголемуваат. Оние кои што ги носат одлуките, оние кои што судат, оние кои што обвинуваат, оние кои што се и кадија и судија не сакаат јавно да зборуваат за нивните одлуки. Не сакаат јавно да зборуваат, затоа што се кријат зад она што се нарекува неправда. Знаат дека неправдата е очигледна и народот ја гледа. Гледајте ги претставите последните неколку недели во Македонија, почнуваат претставите, таму има неопределени луѓе. Луѓето стануваат и велат слобода за Игор Дурловски, тоа ќе се памети во историјата, а нема да се паметат оние кои биле и кадија и судија, изјави Ѓорчев.

Тој кажа дека сега како генерација народот се потсетува на болката и маката од македонските народни песни. Тој кажа дека во нив има многу мака и болка затоа што било тешко, но сите издржале. Тој кажа дека во новите македонски стории ќе биде забележана маката која сега ја доживува државата.

-Во новите страници на македонската сегашност ќе бидат забележани и страдањата и маките, но исто така ќе биде забележана и истрајноста, карактерот и вербата, кои што се најмногу ставени на тест тогаш кога е најтешко, изјави Ѓорчев.

Тој ги повика граѓаните утре и во наредните денови повторно да дојдат на протест.