Ѓорчев: Со планот на Заев граѓаните на Mакедонија ќе бидат маргинализирани

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев во денешното гостување во Телевизија Алфа вели дека Македонија имала една стратегија и тактика во делот на прашањето поврзано со бегалците и мигрантите, а сега новото Министерство на новата влада на СДСМ тоа го менува.

Ѓорчев истакна дека на мигрантите им било дозволено да претстојуваат од 24 до 48 часа во државата, а за тоа време надлежните имале хуман пристап кон нив.

-Она што го гледаме сега како промена со овој предложен документ, со оваа стратегија на Министерството во периодот од 2017 до 2027, следните 10 години, предвидува Република Македонија да биде земја домаќин, односно земја во која ќе се сместат огромен број, не знаеме колкав, на луѓе кои трајно треба да останат во Република Македонија. Република Македонија ниту има ресурси, ниту тие луѓе сакаат да останат овде. Македонија има ограничено ресурси, има своја невработеност, има потреба со сместувањето и домувањето на сопствените граѓани и тие едноставно, нашите граѓани треба да бидат приоритетот во врска со овие прашања, потенцира Ѓорчев.

Посочи дека никој не ги прашал македонските граѓани што мислат за сето ова.

-Ограничените ресурси што ги има оваа држава треба да бидат потрошени на социјалните проблеми на граѓаните на Република Македонија. Тие програми како што тие таму предвидуваат и имаат намера да ги трошат, се однесуваат и на домување и на станбени згради и на индивидуални куќи, се однесува на градење на цели населби. Првенствено, ограничените ресурси кои има на располагање оваа држава, треба да бидат насочени кон граѓаните на Република Македонија, зашто тие се оние кои го полнат буџетот, тие се оние кои своите даноци ја финансираат државата и буџетот, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, преку оваа стратегија, граѓаните на Република Македонија не само што не се приоритет, туку се апсолутно, целосно маргинализирани и целосно ставени на страна.

-Во оваа стратегија која ја нуди новата Влада на Заев има еден куп проекти кои треба да стартуваат следните неколку месеци. Таму пишува 2017 година, или пак, некои од нив се 2018 година. Тие апсолутно имаат импликации на националната безбедност, зашто во некои од овие случаи нема да се бара документација од луѓето кои што доаѓаат, појаснува Ѓорчев.

Вели дека државата треба да води сметка за безбедноста, а овој документ не води сметка за тоа.

-Таму се предвидуваат огромни проекти со огромни трошоци, првенствено во делот на обезбедување на домување, станови, куќи, парцели, населби за овие лица кои што ќе имаат огромен ефект врз буџетот на РМ, а после тоа се предвидува вработување на овие лица. Секој треба да си ја брка среќата во животот, има луѓе кои се загрозени, кон кои треба да се покаже хуманост, но тие работи работи првенствено треба да ги прават земјите кои што имаат многу поголеми ресурси од РМ. Македонија има огромен број на проблеми, Македонија има одговорност према своите граѓани, према своите државјани, истакна Ѓорчев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.