Ѓорчев: Во изминатиот период ниедна фабрика не е отворена, нема зголемени плати и пензии

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, во емисијата „Алфаскоп“ на телевизијата Алфа, истакна дека Владата на СДСМ за изминатите дванаесет месеци, единствено нешто што направи е Законот за јазиците, и тоа на криминален и насилен начин, спротивно на сите можни процедури.

Ѓорчев рече дека ниедна фабрика не е отворена, нема зголемени плати и пензии или пак направен автопат. За автопатот Демир Капија – Смоквица, Ѓорчев рече дека требаше да биде пуштен во употреба веднаш по доаѓањето на СДСМ на власт.

„Демир Капија – Смоквица требаше да го отворат две недели откако дојдоа на власт затоа што беше готов. Демир Капија – Смоквица во изминатите дена не го имаа отворено само за да не се каже дека е направен од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Немаат ставено еден метар асфалт затоа што целиот асфалт беше ставен или пак еден знак не беше ставен бидејќи сите знаци беа ставени“, истакна Ѓорчев.

Посочи дека Македонија пред некоја година имаше најдоби перформанси во економијата во Европа за разлика од сега кога е најлоша. Исто така тој додаде дека Македонија имаше најголем број на отворени работни места за кои беа заслужни и странските инвестиции, кои ги донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаме еден економски тим којшто апсолутно талка, којшто нема приказна, којшто нема нарација и на крајот на краиштата може лесно да се постави едно прашање, а тоа е до било кој граѓанин дали живее подобро од што пред една година“, праша Ѓорчев.

Констатираше дека состојбата на Македонија на листата на корупцијата рапидно се влошува. Граѓаните потешко можат да завршат некоја работа по институциите за разлика од пред две години.

Ѓорчев рече дека има разочарување и кај гласачите на СДСМ бидејќи ниедно ветување кое беше дадено за време на изборниот период не е остварено.

„Имаме една влада којашто апсолутно ништо не работи. Погледнете ги нивните еден куп дадени ветувања, ниедно не е реализирано и луѓето се прашуваат зашто ги гласавме и зошто се влада. Ако ги погледнеме скоро година дена од кога се на власт, што имаат направено?“, праша Ѓорчев.