Интервјуа

Владо Мисајловски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Ѓорче Петров Ѓорчевци знаат дека што ќе ветам ќе исполнам

Ѓорчевци знаат дека што ќе ветам ќе исполнам

Владо Мисајловски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за скопската Општина Ѓорче Петров, во интервју за НетПрес, говори за своите планови и визии за неговата родна населба, што треба да се стори за да се подобри животот на граѓаните, како и за унапредување на спорот.

Ветува дека Ѓорче Петров мора да го направи најдоброто место за живот во Скопје и додава дека „ѓорчевци знаат дека што ќе ветам, ќе исполнам“.

Што беше пресудно за да се одлучите да се кандидирате за градоначалник на општината Ѓорче Петров?

*На сите мои настапи говорам дека јас сум ѓорчепетровец во крв. Целиот живот сум го поминал меѓу жителите во Ѓорче. Бев на неколку високи позиции, министер за транспорт и врски, директор на државни патишта, државен секретар во две министерство и така натаму, но сега чувствувам одговорност и потреба силно да се посветам на мојата општина и им се оддолжам на жителите на Ѓорче Петров. Од нив ја црпам самоувереноста дека Ѓорче мора да го направиме најдоброто место за живот во Скопје, тоа го ветувам јавно и се ќе сторам за да го исполнам ова ветување. Со мојот тим направивме една обемна Програма во која се опфатени проекти за сите жители, поврзани со инфраструктурата, економијата, социјалната заштита и помош, спортот, културата и речиси се што му е потребно на Ѓорче Петров за да стане една модерна и економски здрава општина.

Што мислите дека треба да се сработи за да се подобри животот на жителите на Ѓорче Петров?

*Нашето мото е работа, работа и само работа. Без работа нема идеи, нема проекти, нема реализација. Кога ја правевме Програмата ги посетивме сите населени места и разговаравме со многу граѓани на Ѓорче. Програмата практично е реална потреба на граѓаните, во неа се вметнати сите потреби и барања на жителите. Ако конкретно ме прашувате, ќе ви кажам дека потребно е да се асфалтираат многу улици, преку 100 улици предвидовме за асфалтирање. Потребно е да се подобри водоснабдувањето во одредени населби, потребно е да се изградат градинки, игралишта за младите, да се санираат училиштата, да им овозможиме на младите културно и спортско издигнување. Имаме предвидено проекти за подобра регулација на сообраќајот, потоа потребна е реконструкција на цело осветлување низ општината. Важна работа е урбанизацијата на општината, ќе се обидеме да привлечеме нови инвеститори. Сите овие работи беа побарани од граѓаните и имаме обврска спрема нив да ги исполниме.

На што конретно ќе се фокусирате во вашиот мандат?

*Прв приоритет е изградба и реконструкција на улиците. Нема да дозволам да има неасфалтирана улица. Секоја улица, секое сокаче ќе го асфалтираме. Преку 100 улици предвидовме во Програмата, јавно ги ветив сите и сите ќе ги направам. Исто така во делот на инфраструктурата ќе изградиме кружен тек на улиците Македонска Војска и улица Ѓорче Петров. Во делот на комуналната сфера ќе го подобриме водоснабдувањето во високата зона во Ѓорче Петров. Ќе ја доизградиме канализацијата во Волково, таа канализација започнав да ја градам кога бев министер за транспорт во соработка со општината а сега ќе ја довршам.

Еден од важните проекти на кои ќе посветам посебно внимание е реконструкција на целото осветлување низ општината, потоа ќе се фокусираме на изградба на паркинг места, изградба на рекреативна патека од Хром до Нерези. За подобрување на социјалниот живот во општината ќе изградиме две нови градинки, една во Волково со капацитет за 100 дечиња и една во Ново Село со капацитет за 80 дечиња. Имаме многу проекти за реконструкција на основните училишта.

Во секое маало во Ѓорче Петров, во Хром, Мирче Ацев, Дексион, Даме Груев, Ново Село, Стопански двор, Кисела Јабука, Волково, Орман, Кучково ќе се изградат детски игралишта како и игралишта за баскет. Во програмата предвидуваме во сите овие населени места да се изградат и паркови за рекреација за сите жители, од најмалите па до возрасните.

Во делот на урбанизмот, ќе изградиме најмодерен парк во Скопје. Предвидено е паркот да се гради во реонскиот парк во Ѓорче Петров со поставување на нова урбана опрема, поставување на фонтана, преку оживување на старото корзо, бесплатен итернет, нови содржини за младите и можност за угостителски објекти. Верувајте имаме обемна програма, многу проекти, проекти за сите населени места во Ѓорче Петров.

Голем број на познати спортски имиња се од Ѓорче Петров. И самиот, одреден период, сте биле активни во спортот. Што планирате во однос на спортот и спортските клубови?

*Да, долги години и јас активно се занимавав со кошарка и други спортови но животот ме однесе во политиката. Ѓорче Петров е расадник на спортисти, препознатливи сме по силната мотивираност и спортскиот дух. Спортот во Ѓорче е важна работа. Затоа во Програмата предвидуваме финансиска поддршка за фудбалскиот клуб Македонија-Ѓорче Петров како и поддршка за фудбалскиот клуб Волково. Ќе обезбедиме финансиска поддршка и за сите останати спортски клубови во општината, со посебен фокус на младите талентирани спортисти. Ќе извршиме реконструкција на спортските терени во ОУ Страшо Пинџур, ќе изградиме нови игралишта за баскет во населените места Ѓорче Петров, Хром, Мирче Ацев, Дексион, Даме Груев, Ново Село, Стопански двор, Кисела Јабука, Волково, Орман, Кучково и другите помали места, а исто така ќе ги реконструираме и постоечките игралишта. И во делот на спортот имаме многубројни проекти со кои ќе ги анимираме младите и ќе го подигнеме нивниот потенцијал во општината.

Очекувате ли пречки во својата работа од Централната власта, ако станете градоначалник?

*Од оваа Влада предводена од СДС се можеме да очекуваме. Видовме како се изгубија во првите 100 дена блокирајќи ги сите проекти што ги започна ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ги и проектите во нашата општина, конкретно изградбата на канализацијата во Волково и реконструкција на улиците. Искрено не очекувам било каква поддршка од централната власт, но нас тоа не не засега. Сите проекти што сум ги ветил во Програмата ќе бидат исполнети. Со сите сили ќе се бориме да изнајдеме средства од европските фондови и за многу други проекти што не се предвидени во Програмата. Наше е да ги засукаме ракавите, максимално да се фокусираме на работата и на крај граѓаните се тие што ќе ги видат резултатите и ќе кажат дали се задоволни. Тоа е моја обврска, обврска на мојот тим се што сме ветиле да го изработиме на терен. Ветувам дека Ѓорче Петров ќе ја направиме најубавата општина за живеење во Скопје.