Ѓорѓески: Властите да стават прст на чело и да размислат со каков проблем се соочуваат тетовчани

Продолжуваат панел дискусиите кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ. На денешната, се говореше на тема „Тетово плаќа за неодговорноста на локалната и централната власт“, каде акцент се стави на тетовската депонија, огромен проблем со кој се соочуваат жителите на општината.

-При секое изготвување на буџетот на општина Тетово ние донесуваме одлуки од 7 до 10 милиони денари за изработка на претоварната станица во Тетово, но до ден денес не е отпочната изградбата на претоварната станица, истакна советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово, Ивица Ѓорѓески.

Тој додаде дека градоначалничката Теута Арифи тврдела дека Тетово е подготвено да започне со изградба на депонија по ЕУ стандарди најкасно до 2015 или 2016 година, а како што може да се види ниту темел не е поставен за изградба на оваа депонија.

– Ветувањата од предизборието се покажаа како чиста желба за власт. Спортскиот центар во Тетово е претворен во некој луна парк и со тоа се уништија белите дробови на Тетово. Централната власт ја нема никаде и тоа е непростливо. Треба да стават прст на чело и локалната и централната власт и да размислува што им се случува на тетовчани со овој горчлив проблем, рече Ѓорѓески.

Потенцираше и дека на 100 метра од депонијата се наоѓаат силосите за жито на Жито Полог од каде се прави лебот со кој се хранат жителите на општината и додаде дека после вчерашниот настан кога гореше депонијата може само да замислиме само што се случи со тоа жито.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.