Македонија

Ѓорѓи Димчевски солист со Македонската филхармонија

Ѓорѓи Димчевски солист со Македонската филхармонија

Филхармонијата го најавува Димчевски како еден од најдобрите млади уметници денес, концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија што концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија, предводен од славниот Лорин Мазел. На концертот, под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, тој ќе го изведе комплексниот Концерт за виолина бр. 1 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

Иако млад, Димчевски зад себе има многу награди и бројни настапи како солист во Европа и светот, а како концерт-мајстор редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи плејада врвни дела под палката на славните диригенти Лорин Мазел, Зубин Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Пласидо Доминго…

На концертната програма во четврток се и Симфонијата бр.1 „Класична“ од Прокофјев, композиторот кој секогаш ја изненадувал публиката со својата уметничка појава на „enfant terrible“, од каде е и насловот на концертот, како и Симфонијата бр. 39 од музичкиот гениј В. А. Моцарт.