Ѓоргиев: За Заев и Димитров 5.000 евра за цвеќе се малку пари кога не се нивни туку народни

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Владата на СДС расипнички се однесува со парите на граѓаните и троши пари од буџетот за набавка на цвеќиња и цветни аранжмани, додека од друга страна крати за изградба на основни и средни училишта, реновирање на студентски домови, рурален развој и други инвестициски зафати, кои ги имаше отпочнато владата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Филип Ѓоргиев од Унијата на млади сили на партијата.

„Никола Димитров за дома не си купува цвеќиња во вредност од 5.000 евра, но кога истите се плаќаат со народни пари не е проблем да се нарачуваат и еднаш месечно. Владата на СДС безсрамно ги троши парите на граѓаните на луксуз и непотребни работи, а крати на капитални расходи и проекти. На владата и се побитни цветните аранжмани на министерството за надворешни работи, отколку интересот на граѓаните“, рече Ѓоргиев.

Вели дека очигледно Димитров и Заев сакаат просториите да им бидат убаво украсени, додека склучуваат штетни договори за Република Македонија и нејзините граѓани.

„Пет илјади евра за цвеќе за СДС се малку пари кога тие не се нивни туку народни. Заев и Димитров наместо да се посветат на тоа како ќе го украсат министерството за надворешни работи треба да размислат како да го исправат договорот кој го склучија со Република Бугарија, а кој во повеќе точки е на штета на Република Македонија“, рече Ѓоргиев.

Порача дека Министерството за надворешни работи наместо да троши илјадници евра на луксуз, треба да почне да си ја работи работата за која што постои.

„Граѓаните од МНР очекуваат да застане во одбрана и да работи за македонските национални и државни интереси, а не да се луксузира на нивен грб. Заради ваквото неодговорно и расипничко однесување со парите на граѓаните и државните и национални интереси граѓаните ќе го казнат СДС на претстојните локални избори на 15-ти октомври“, додаде Ѓоргиев.