Ѓорѓиевски: Антиреформите на СДСМ земаат сé поголем замав.

Наместо исполнување на предизборните ветувања кон граѓаните, СДСМ ги исполнува заканите на актуелниот премиер Зоран Заев за бркање „од чистачка до директор“ и поставување на партиски послушници, обвини во петокот Зоран Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски на прес-конференцијата укажа дека граѓаните се измамени и изманипулирани кога гледаат како премиерот и неговите соработници ја партизираат државата, полнејќи ја со партиски послушници.

Потсети дека пратеникот на СДСМ, Курто Дудуш, во еден видео материјал кој се појави на социјалните мрежи им е обраќа на граѓаните и членовите на огранокот од скопската населба Шуто Оризари уверувајќи ги дека членската книшка на СДСМ ќе станела втора лична карта. Односно, дека ќе им донесе многу привилегии во секојдненвиот живот, од вработување и лекување па до избегнување на казни за разни прекршоци.

„Сега гледаме како ќе го реализираат. Преку поставување на партиски послушници на високи позиции во МВР. Таков е случајот со поставувањето на Стојанче Величковиќ за началник на СВР Куманово“, посочи функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на случајот во кој Величковиќ беше осомничен и обвинет за изборна измама.

„Да биде трагедијата уште поголема, Величковиќ беше жив фатен во криминал. Целата јавност го гледаше како се качува по автомобили, хистерично вика и држи политички говори, бегајќи од полицијата. Величковиќ, беше осомничен за кривични дела злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување како и други дела за кои се гони по службена должност. Кај него, според информациите од МВР објавени во медиуми беа пронајдени докази поврзани со изборните измами“, појасни Ѓорѓиевски.

Рече дека претставува „трагедија“ тоа што ваквиот кадар како Величковиќ сега траба да ги спроведува наводните реформи.

За Ѓорѓиевски очигледно де дека Величковиќ ќе ја спроведува партиската агенда и оти полицијата во Куманово ќе ја претвори во „партиски сервис на СДСМ“ овозможувајќи „да цути криминалот“.

„Дали некој памети една успешна акција на Оливер Спасовски кој цела година беше министер за внатрешни работи?“, запраша во овој контекст Ѓорѓиевски..

Порача дека граѓаните не гласале за неискусни и непрофесионалци, како и за лица кои се насилници и соработници на криминогени структури блиски до оваа партија.

„ Долговите кои ги има Заев и СДС нека најдат друг начин да ги отплатат, а не да ја продаваат државата и интересите кои треба да бидат пред се на секој политичар и премиер. Срамот кој го имаат продавајќи ја државата и институциите, со поколенија нема да можат да го избришат“, порача Ѓорѓиевски.