Ѓорѓиевски: СДСМ дава државјанство со цел да именува директор на ЕЛЕМ докажан балкански манипулант

СДСМ додели државјанство со цел да именува директор на ЕЛЕМ докажан непрофесионалец, скандал мајстор и светски мешетар Обрадовиќ. Последните информации кои ги објавија медиумите за намерата на Заев да го именува српскиот граѓанин за директор на ЕЛЕМ, а ЕЛЕМ како што знаете е најголемата државна фирма која вработува 4.800 лица и која учествува со 98 отсто во домашното производство на струја, е само уште еден показател за нивното неодговорно владеење, истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција

Станува збор за Александар Обрадовиќ, разрешен поради скандали директор на српското електростопанство, кој според српските медиуми е близок со македонскиот премиер Зоран Заев поднел барање за добивање македонско државјанство иако нема никакви врски со Македонија, и чие барање и итно проследено до владата.

„Проблемот со Обрадовиќ е тоа што се поврзува со матни зделки и недомаќинско работење. Имено Обрадовиќ бил сменет токму поради тоа од позицијата директор на Електропривреда на Србија, па сега Зоран Заев посакува да го именува како директор во ЕЛЕМ. Тој дури и ја отпочнал постапка да му додели државјанство, а целата јавност го поставува прашањето зошто е избран токму тој и со што тој ќе придонесе за Република Македонија“, рече Ѓорѓиевски

Запраша дали станува збор за личност којашто треба да спроведе, како што оцени претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, уште еден бомбона бизнис, и да отпочне постапка за приватизација на една капитална компанија како ЕЛЕМ!?

„Дали Зоран Заев го именува Обрадовиќ за директор поради тоа што е докажан во своето недомаќинско работење? Впрочем српските медиуми беа тие кои пишуваа дека Обрадовиќ се поврзува со расипништво, луксузи, доделувалување на тендери во нему познати компании, ненаменски трошење на средства како и ангажирање ТВ ѕвезди за огромни хонорари. Со еден збор Зоран Заев има намера да именува балкански мешетар и контроверзен српски граѓанин, за кого српските медиуми пишуваат во негативно светло и го поврзуваат со бројни афери“, рече Ѓорѓиевски.

Оцени дека ваквиот потег на Заев претставува навреда за бројните експерти и професори од областа на енергетиката со кои располага Македонија, па сега „увезува“ сомнителни ликови од Србија.