Ѓорѓиевски: Се врши политичка хајка врз учесниците во настаните од 27-ми април

Се врши политичка хајка врз луѓето учесници во настаните од 27-ми април. Нашата партија сочувствува со повредените пратеници од 27-ми април, и не се согласува со насилството, но во ситуација кога од затворите се ослободуваат тешки криминалци, извршители на тешки кривични дела, трговци со дрога и оружје сметаме дека е неправедно било какво гонење на лицата учесници во немирите од 27-ми април, истакна денес Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сведоци сме како СДС при самото доаѓање на власт воспостави целосна контрола врз судството и обвинителството и започна да ослободува криминалци кои биле обвинети за тешки кривични дела. СДС впрочем го ослободи Агим Красниќи човек кој во 2004 година под опсада го држеше цело Скопје и беше затворен за цела низа на тешки криминални дела. СДС го ослободи Бајруш Сејдиу кој е осуден за редица тешки кривични дела. Исто така го ослободија и Велија Рамковски кој беше осуден на поголем број кривични дела, како и Сеад Рахиќ, брат на екс пратеникот на СДС Есад Рахиќ кој беше осомничен за растурање и продавање дрога. Згора на сето тоа владата на Зоран Заев дополнително презеде обврска преку Тиранската Платформа за ослободување на обвинетите во случајот „Монструм“. Побараа укинување на судската извршна пресуда против лицата кои извршија убиство на 5 млади лица на Смилковско езеро, случај кој е добро познат во јавноста како „Монструм“, чие судење и пресуди завршија не само пред кривичниот суд, туку беа потврдени и од Апелациониот суд. Доколку владата на СДС на слобода пушта затвореници кои се обвинети за тешки криминални дела тогаш не би било пречка и да ги пушти на слобода и лицата учесници во немирите од 27-ми “истакна тој.

Ѓорѓиевски посочи дека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување на лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.