Ѓорѓиевски: Судот падна под притисокот на СДСМ и ја погреба правната држава

Апелациониот суд со определувањето мерка притвор за три лица по барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во вторникот, донесе срамна одлука, и под притисокот на владејачкиот СДСМ и неговите медиуми, СЈО и политичките случаи кои ти ги исценираат, изјави во средата Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчерашната одлука на судот го погреба концептот на правна држава. Одлуката за притвор која ја донесоа нема никаква правна основа, туку е партиско политичка нарачка која треба да го означи политичкиот прогон во Република Македонија“, истакна Ѓорѓиевски.

Оцени дека Апелациониот суд „потклекнал на притисоците“ и станал „дел од сценариото на СДС и СЈО“ со кој се заплашуваат сите кои не размислуваат како Зоран Заев.

Ѓорѓиевски, исто така, предупреди дека со ваквата одлука се доведени во прашање и интегритетот и независноста на судството“.

„Целта на овој притисок е јасна, да се заплашат сите оние кои се подготвени да се спротивстават на престојното распродавање на националните и државни интереси. Пораката на вчерашната одлука е или сите ќе клекнете на колена и ќе се откажете од борбата за Македонија или сите ќе заглавите во затвор“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа Ѓорѓиевски порача дека со ваквите постапки никој нема да биде исплашен, а особено не, како што истакна, оние коишто се подготвени да стојат на браникот на државата и нејзините интереси.

Порача и дека ништо не е вечно.

„ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе се врати на власт и сите срамни и неправедни одлуки ќе бидат преиспитани, а секој што не работел согласно закон, туку под политички диктат ќе сноси одговорност“, додаде Ѓорѓиевски.