Ѓорѓиевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе иницијатива за амнестија на лицата вклучени во настаните од 27-ми април

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука пратениците од оваа партија до Собранието да достават иницијатива за опфаќање со амнестија на лицата вклучени во немилите настани пред и во парламентот на Република Македонија на 27–ми април 2017 година, соопшти на прес-конференција во четвртокот Орце Ѓорѓиевски.

„СДС со доаѓањето на власт и по воспоставување на целосна контрола врз сите државни институции, судството и обвинителството, ги ослободи од затвор Агим Красниќи човек кој во 2004 година под опсада го држеше цело Скопје и беше затворен за цела низа на тешки криминални дела, Бајруш Сејдиу кој е осуден за редица тешки кривични дела, Велија Рамковски кој, исто така, беше дел од низата ослободени, а беше осуден на поголем број кривични дела, како и Сеад Рахиќ, брат на екс пратеникот на СДС, Есад Рахиќ, кој беше осомничен за растурање и продавање дрога исто така беше ослободен од оваа власт и беше ставен во погон на партијата и предизвика инцидент физички напаѓајќи го претседателот на партијата ГРОМ“, рече Ѓорѓиевски.

Додаде дека владата предводена од СДСМ уште со доаѓањето на власт почнала со спроведување на целосно безредие.

„Владата на СДС целосно тенденциозно пред почетокот на изборите на владина седница усвои закон за амнестија на околу 1.050 затвореници, меѓу кои голем број од нив се обвинети за сторени тешки кривични дела, меѓу кои и дела за нанесување тешки телесни повреди. Резултатот од таквите дејствија на Владата е видлив веднаш по изборите. Пукање пред штабови, напади со нож и заплашување на нашите граѓани на секој чекор. СДС дополнително презеде обврска преку Тиранската платформа за ослободување на обвинетите во случајот ‘Монструм’. СДС кои под своја капа го имаат целиот правосуден систем, издејствуваа обвинителството да побара укинување на судската извршна пресуда против лицата кои извршија свирепо убиство на пет млади лица додека ловеле риба во Смилковското езеро, случај познат во јавноста како ‘Монструм’, чие судење и пресуди завршија не само пред кривичниот суд, туку беа потврдени и од Апелациониот суд“, истакна Ѓорѓиевски.

Спорд него, ВМРО-ДПМНЕ согледува дека Македонија во континуитет веќе неколку години се наоѓа тензичната политичка ситуација која негативно се одразува во сите аспекти во општеството. Рече и дека неговата партија сака да придонесе за релаксација на политичките тензии во Македонија и помирување на граѓаните.

Ѓорѓиевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ сочувствува со повредените пратеници од 27-ми април, и не се согласува со насилството, но во ситуација и услови во која од затворите се ослободуваат тешки криминалци, извршители на тешки кривични дела, трговци со дрога, оружје и многу други тешки кривични дела, сметаат дека е неправедно какво и да е гонење на лицата учесници во немирите од 27-ми април.

„Оттаму, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017-та година“, вели Ѓорѓиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.