Ѓорѓиевски: Заев бара мешетар како Обрадовиќ за да го урниса ЕЛЕМ, а потоа да го продаде како „бомбона бизнис“

Македонија стана тема за потсмев во Србија поради катастрофалните кадровски одлуки кои ги носи Зоран Заев. Сите се прашуваат како е возможно Зоран Заев великодушно да му доделува државјанство и да го планира за директор на ЕЛЕМ, човекот кој бил набркан од позицијата директор на Електропривреда на Србија поради хедонизам, луксуз и неодговорно работење, истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

„Српските медиуми се прашуваат како е можно човек кој е сменет од челото на ЕПС заради спорна набавка на луксузни возила да добие ангажман во Македонија. Имено Зоран Заев без тронка срам ја потценува целокупната фела во Македонија и планира да го именува Обрадовиќ, човек кој во сред мерки за штедење набавувал екстремно скапи возила, кој правел промашени тендери со милионски штети, кој неодговорно работел и ангажирал за баснословни хонорари ТВ ѕвезди“, рече Ѓорѓиевски.

Додаде дека инфорамциите коишто деновиве ги објавија домашните и спрпските медиуми медиуми изгледа сите ги имаат прочитано, освен Зоран Заев.

„Или уште полошо и тој ги има прочитано, но и има проценето дека токму ваков мешетар му треба да ја прво да ја унакази ЕЛЕМ, а потоа да ја продаде како бомбона бизнис“, заклучи Ѓорѓиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека ЕЛЕМ е компанија којашто управува со хидроцентралите, со термоцентралите, ветерници и голем број стопански субјекти во Македонија, со 4.800 вработени и предупредуваат дека е премногу сериозно некој да си поигрува со судбината и на фирмата и на вработените.

„Овие стравови се оправдани имајќи го предвид беграундот и на Обрадовиќ, но и на Зоран Заев“, порача Ѓорѓиевски.

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека еден погрешен кадровски избор како што е Обрадовиќ може да ја урниса најголемата државна фирма ЕЛЕМ која има капитално значење зa Македонија и македонската економија.

„Оттука, бараме Зоран Заев и неговата влада веднаш да се откажат од намерата да ангажираат странец од типот на Обрадовиќ, бидејќи тоа ќе ја доведе во ситуација Македонија да биде тема за потсмев во регионот, а уште пострашно да ја доведе во прашање позицијата на ЕЛЕМ како енергетски столб на Република Македонија“, апелираше Ѓорѓиевски.