Македонија

Горивата поевтинуваат од 1,5 до 3 денари

Горивата поевтинуваат од 1,5 до 3 денари

Малопродажните цени на горивата од полноќ поевтинуваат за 1,5 до 3 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,41 односно 3,97 отсто.

Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 3 денари по литар и сега ќе чини 74 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 2,5 денари и ќе се продава за 76 денари за литар. Цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,5 денари и ќе чини 63 денари, додека Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 2 денари и ќе се продава за 51,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 2,86 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС кој сега ќе чини 35,892 денари за килограм.

Како причина за намалување на цените на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 6,87 отсто пониската просечна цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,67 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот.