Горивото е евтино, превозот останува скап

Корист од падот на цената на горивата, ќе имаат само оние што возат соспствени автомобили, но не и корисниците на јавниот превоз, бидејќи засега нема најави дека ќе има намалување на цената на билетите во градскиот и меѓуопштинскиот превоз.

Превозниците велат дека поради наталожените загуби во изминатите години, никој засега не размислува за промена на цената на билетите.

Приватните превозници, кои вршат градски превоз во Скопје, велат дека во моментов воопшто не се размислува за намалување на цената на билетите. Од „Слобода превоз“ за Нетпрес велат дека цената на билетот била формирана во 2009-та година, кога цената на нафтата изнесувала 50 денари.

– Имаше периоди кога нафтата беше 75 денари, а цената не се промени, велат од „Слобода превоз“ додавајќи дека во последниот период претпријатието трпело големи загуби кои се таложеле.

Оттаму дополнуваат дека не е пресудна само цената на нафтата и дека влијаат повеќе фактори, како цената на резервните делови кои најчесто се увезуваат од странство, но и цената на нафтените деривати што се користат за одржување на автобусите.

– Поради наталожените загуби, никој во моментов не размислува за намалување на цената на превозот, е ставот на „Слобода Превоз“.

Од Град Скопје велат дека и покрај намалената цена на горивата и нафтата нема да има намалување на цената на билетите во автобусите на ЈСП.

– Со години цената на билетите не е променета и со години градот го субвенционира претпријатието за да може да опстане. Ние и во моментов продолжуваме да го субвенционираме ЈСП за да може да опстане, велат оттаму.

Што се однесува до такси превозот, такси превозниците сами поднесуваат барање до Градот за промена на цената, но и покрај тоа што веќе една недела точат поевтино гориво во автомобилите, засега никој од нив не поднел барање за промена на цената.

Исто така неможе да се очекува ниту поевтинување на билетите во меѓуопштинскиот превоз. Од Здружението на превозници „Исток“ засега нема најава дека може да се очекува било какво намалување на цените.

Се на се, сите велат дека причина за ваквите одлуки се наталожените загуби и тоа што цените на билетите и покрај зголемувањето на цената на горивата и на нафтените деривати во изминатите години останале непроменети.

Од крајот на јуни до сега, регулаторната комисија за енергетика единаесет пати донесе одлука за снижување на цените на горивата и само еднаш за нивно поскапување. Така, бензините од 84 денари за литар летоска, сега се продаваат за 67, а дизелот од 70 сега се продава за 56 денари. Сепак корист од падот на цената на горивата, ќе имаат само оние што возат соспствени автомобили, но не и корисниците на јавниот превоз, затоа што засега и покрај значајниот пад на цените на горивата, нема најави дека ќе има намалување на цената на билетите во градскиот и меѓуопштинскиот превоз.