Горивото во Индонезија поскапува за 30 отсто

Горивото во Индонезија од денеска поскапува за неверојатни 30%! Причина за ваквиот потег е укинувањето на државните субвенции за горивото, со цел парите да се вложат во потребната инфраструктура.

„Од време на време, пред нацијата стои тежок избор“, призна претседателот на земјата Јоко Видодо во телевизиско обраќање синоќа. Тој објаснил дека на државата и се потребни пари за инфраструктура, образование и здравство.

Економистите одамна заговараат радикално поскапување на горивото во Индонезија за да се вложува повеќе особено во инфраструктурно поврзување на земјата составена од над 17.000 острови и островчиња. Непопуларната мерка треба да го поттикне и економскиот раст кој изнесува 5,12% и е најнизок во последните пет години во Индонезија.

Субвенциите за гориво сочинуваат речиси 18% од индонезиската економија и се први воведени во југоисточна Азија. Но горивото е многу чувствително прашање во оваа земја и во минатото растот на цените предизвикуваше масовни демонстрации и поделби во владејачките коалиции.

Мерките беа критизирани и затоа што богатите и сиромашните уживаа еднакви субвенции во земја во која 40% од населението живее со помалку од два долари на ден. Од синоќа на полноќ бензинските пумпи се опседнати со возачи кои се обидуваат да купат гориво по последната субвенционирана цена.

Економистите ја поздравуваат одлуката на претседателот, со оценка дека таа покажува оти Видодо е подготвен сериозно да спроведе економски реформи.