Гостински победи на Манчестер Јунајтед и Ливерпул

Во средбите од 18-то коло од англиското фудбалско првенство Ливерпул на гостувањето го совлада Борнмут со 4:0, додека Манчестер Јунајтед славеше кај Вест Бромвич Албион со 2:1.

Ливерпул рутински дојде до победата прекинувајќи ја низата од два последователни нерешени резултати. Гостите поведоа во 20 минута по убавиот продор на Фелипе Кутињо, на 2:0 зголеми Дејан Ловрен шест минути подоцна на асистенција на Фирмињо. Во крајот на првото полувреме во листата на стрелците се запиша и Мохамед Салах во 44 минута, а до крајот на мечот погодок постигна и Роберто Фирмињо, во 66 минута.

Во вториот дуел во неделата, Манчестер Јунајтед на гостувањето го совлада ВБА. Јунајтед водеше со 2:0 со головите на Ромел Лукаку во 27 и Џеси Лингард во 35 минута, а домашните намалија во 77 минута преку Герет Бери. ВБА до крајот на мечот имаше шанси да изедначи, но Де Хеа успеа да ја сочува својата мрежа.

Колото во понеделник го затвораат Евертон и Свонси Сити.

На табелата води Манчестер Сити со 52 бодови, од можните 54, Манчестер Јунајтед е втор со 41 бод, Челзи на третото место има 38, а Ливерпул е четврти со 34 бодови.