Гостиварец го оштетил државниот буџет за 280.000 евра

Гостиварец го оштетил државниот буџет за 280.000 евра, со малверзации при продажба на недвижен имот поранешна сопственост на фирмата Жито Шар од Гостивар, соопшти Финансиската полиција.

Во текот на истрагата утврдено е дека осомничениот, управител и овластен потписник на банкарската сметка на фирмата „Канма трејд“, со цел да се стекне со противправна имотна корист, затаил 280.000 евра данок.

Управителот, иако бил обврзан со закон да поднесе соодветни пресметки до надлежните институции за остварените приходи во текот на 2014-тата година од продажба на недвижен имот, не поднел аконтативни пријави за данок на додадена вредност до Управата за јавни приходи, не поднел Завршна сметка за 2014-та година до Централниот регистар, а за неоправдано подигнатите парични средства од жиро сметките на второпријавеното правно лице до Управата за јавни приходи не поднел годишен извештај на исплатувачот на приходи.

Првопријавениот на крајот на 2014-та и почетокот на 2015-тата година на нотар во Гостивар склучил три договори за купопродажба на деловен простор со две фирми од Гостивар и едно физичко лице, во кои договори како продавач се јавува второпријавеното правно лице „Канма трејд“.

По склучените договори за купопродажба, пријавениот на трите купувачи им издал фактури со содржан износ на данок на додадена вредност кој согласно законот бил должен да го уплати во Управата за јавни приходи. Веднаш по трансферот на парите од купувачите, управителот наместо да го плати ДДВ-то, тој парите заедно со износот за ДДВ дел ги подигнал во кеш, а дел ги пренасочил на други сметки и ги користел за свои лични потреби.