Македонија

ВИДЕО: Гостопримство и богата музичка програма главни адути за Вевчанскиот карневал

ВИДЕО: Гостопримство и богата музичка програма главни адути за Вевчанскиот карневал

Вевчанскиот карневал годинава ќе се одржи од 10-ти до 14-ти јануари со проширени содржини. Под мотото „Биди и ти вистински василичар“ организаторите на фестивалот најавуваат богата музичка програма и интересни активности за посетителите на сите возрасти.Политичките случувања, културно-забавните и економските настани и годинава ќе бидат инспирација за уникатните групни маски.

За карневалот владее голем интерес и најавени се голем број на гости меѓу кои и дипломатскиот кор. Главен адут на карневалот е гостопримството каде што на пет локации низ Вевчани, посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети. Ќе биде вратен и стариот обичај, избор на најдобра групна маска, во чијшто избор можат да учествуваат и новинарите. На победникот ќе му биде подарено буре црвено вино.

„Со гордост можам да кажам дека главен адут на карневалот оваа година е гостопримството, па во таа насока жителите на целата општина за соодветен дочек на сите посетители. Ќе има интересни содржини за посетителите од сите возрасти како што се детско василичарско катче за изработка на маски,натпревари во цепење на дрва, тркалање на буриња, влечење на јаже.По богатата музичка програма која ќе се одвива во текот на сите карневалски денови, Вевчански карневал 2014 ќе се разликува од претходните,“ изјави градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски.

По 12 години ќе биде обновена и манифестацијата „Печалбарски денови“ во рамките на која ќе биде организирана трибина на тема „Во одбрана на македонското име и идентитет“ на која ќе говорат Ристо Никовски, Ефтим Клетников, Ѓорги Барбаровски. Ќе биде промовирана и книгата „Улогата на САД во македонската голгота“ на поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.

„Во рамките на Меѓународната културна манифестација „Печалбарски денови“ ќе биде организирано и матине на сатиричари и афористичари, ќе биде организирана изложба на фотографии. По завршувањето на василичарската свеченост ќе бидат доделени Меѓународните награди за карикатура, а пристигнаа голем број на карикатури од цел свет,“ изјави уметничкиот директор Мишо Китановски.

Организаторите најавуваат музичка програма, најбогата во историјата на карневалот. Ѓоко Танески и Куку Леле ќе настапат на 12-ти јануари кога главни ѕвезди на вечерта ќе биде музичката група од Србија, Ван Гог. Дневните акустични свирки во амфитеатарот се новост во музичката програма. Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиноски ќе настапат вечерта на 13 јануари.

Главен покровител на Вевчански карневал е Министерството за култура.