Говорот на Иванов пред своите симпатезери и поддржувачи на митингот во Охрид

Актуелниот и кандидат за претстојните претседателски избори, Ѓорѓе Иванов, синоќа имаше свое обраќање пред голем број симпатизери и поддржувачи на првиот во низата митинзи, кој што се одржа во Охрид.

Подолу интегрално ви го пренесуваме неговиот говор.

Пред 5 години, од ова исто место, на чист понеделник, ви порачав дека со чист образ тргнувам да ја освојам довербата на граѓаните за избор на претседател на Република Македонија. Денес повторно, од ова исто место, повторно во понеделник, со чист образ повторно ја барам довербата, за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност да работам за Македонија.

Не случајно кампањата ја почнуваме во Охрид, во македонскиот Ерусалим. Во нашиот древен Охрид што со векови ни дава енергија да истраеме како народ, со наш сопствен идентитет.

Во градот што со векови е наш најсилен светилник на верата, на писменоста, на слободата.

Град што даде големи борци за слободна Македонија. Војводата Методија Патчев, Петре Пирузе-Мајски.

Град што ни го даде и славниот Христо Узунов, кој се заколна дека нема да го пречекори прагот на својата родна куќа, сè додека не се ослободи неговата татковина Македонија.

Најголемата желба на Узунов и на илјадниците борци за слобода, на илинденците и АСНОМ-ците, во 1991 година е остварена.

Никој не ни ја подарил независноста. Сами се изборивме за неа. Но, слободната татковина не ја земаме здраво за готово. Секој од нас треба да ја негува, да ја чува и да ја гради, секој ден, секој час.

Хероите што се бореа и гинеа за Македонија ни оставија завет. Тој завет за нас значи љубов и одговорност кон татковината.

Нивната визија, ние ја остваруваме со секој нов изграден пат, со секое ново училиште, со секоја нова болница, со секое ново работно место. Со секоја нова книга и песна напишана на македонски јазик, со секој научен труд на македонски научник, со секој спортски успех на македонските спортисти, тимови и репрезентации.

 

Довербата на граѓаните се добива за реални проекти. Довербата се оправдува со остварување реални, конкретни проекти што го подобруваат животот.

Драги сограѓани,

Две децении ја градиме сопствената држава и знаеме дека, воопшто, не ни беше лесно.

Имавме предизвици, блокади и неправедна транзиција. Голем број мажи и жени во своите најдобри години останаа без работа. Им се одзеде можноста да имаат достоинствен живот и да ја планираат иднината на своите деца.

Нема ништо пострашно од тоа, во сопствената држава, да не можеш животот да го живееш исполнето, да создаваш и да гледаш деца. Ете што и направија блокадите и транзицијата на цела една генерација македонски граѓани.

Нè потклекнавме пред предизвиците.

Како што нашите предци поминувале и низ поголеми премрежија, така и ние, наспроти сè, одиме напред, зашто црпиме енергија од нашите корени.

Охрид е градот во кој длабоко е вкоренета Македонија, македонската душа. Длабоко е Охридското Езеро, длабоки се и нашите корени во оваа наша земја. Неисцрпни се изворите на Св. Наум, неисцрпна е и енергијата што извира од Македонија!

Пред 5 години ја побарав и ја добив вашата доверба. Програмата со која излегов пред вас во 2009 година е исполнета. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.

Бев гласот на граѓаните, каде и да одев. Остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија.

Упорно работев на остварување на нашите стратегиски цели.

Бев и меѓу народот, по градовите и селата.

Мандатот го посветив на отворањето нови хоризонти за Република Македонија, за македонската економија, образование, наука, култура, уметност, спорт, за младите.

 

Во сè што правев, не бев сам.

И оддавам големо признание на Владата за вложените напори. На дело покажуваат како се работи за Македонија:

•        Донесени се речиси 2 милијарди евра странски инвестиции;

•        Исплатени се половина милијарда евра субвенции за земјоделците;

•        Спроведени реформи во речиси секоја област од животот.

Како претседател на Република Македонија, имав одлична соработка со премиерот Груевски и со министрите, со пратениците и со одговорните луѓе на бројни државни институции.

Заедно, многу постигнавме:

•        Обезбедивме визна либерализација за нашите граѓани.

•        Ја внесовме Македонија во гасоводот „Јужен тек“.

•        Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија.

•        Од соработката со Кина, произлегоа и првите конкретни резултати. Почна да се гради патот Кичево – Охрид. На трасата ќе почне да се гради и најдолгиот тунел во Македонија.

Има уште цели и проекти, и нè чека уште многу работа. И тоа ме исполнува и ме мотивира да продолжам понатаму.

Денес, кога се наоѓам меѓу два мандата, јас не земам здив, туку земам залет!

Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, стопанственици, претставници на цивилното општество, културата, науката, спортот, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:

•        Европа во Македонија и Македонија во Европа.

•        Држава и економија кои создаваат нови работни места.

•        Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите.

Почитувани Охриѓани,

 

Силата на Македонија е во нејзината отвореност и поврзаност.

Погледнете околу себе. Охрид отсекогаш бил наш прозорец кон Европа и кон светот. Низ Охрид минувала Виа Егнација. Од Охрид се ширеше верата и писменоста низ словенска Европа. Во Охрид доаѓаат врвни уметници од целиот свет. Охрид е симбол за отвореноста на Македонија. Преку Охрид, Македонија е поврзана со Европа и со светот.

Од првиот ден на мојот мандат, во надворешната политика го промовирав принципот на отвореност кон сите. Водиме автентична македонска политика којашто дава резултати. Ги негуваме старите и создаваме нови пријателства и партнерства. Македонија е земја-кандидат за членство во Европската унија и НАТО, и е подготвена за економска соработка со новите растечки економии во светот.

Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

За нашата подготвеност зборуваат и петте позитивни извештаи и петте препораки на Европската комисија за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата! Го бараме она што сме го заслужиле. Ни повеќе, ни помалку од тоа! Како за другите, така и за нас.

Македонија е одговорна држава, која сериозно ги сфаќа своите обврски на евроинтеграцискиот пат. Способни сме и решени сме додека се движиме кон членството во Европската унија сами да ја создаваме Европската унија во Македонија.

Реформите ги правиме за доброто на нашите граѓани, за доброто на нашите деца. Со секоја спроведена реформа, со секоја подобрена јавна услуга, ја правиме Македонија подобро место за живеење. Во наредниот период продолжуваме да работиме на истиот начин, да постигнеме преговорите да се сведат на чиста формалност.

Наша цел е Европа во Македонија и Македонија во Европа!

Драги сограѓани

Многу енергија и многу време посветив на предизвикот со кој Македонија се соочува уште од првиот ден на својата независност – наметнатото прашање за разликата околу името.

Веќе 23 години се соочуваме со притисоци, уцени и блокади од нашиот јужен сосед, кој од нас бара да престанеме да бидеме тоа што сме.

Веќе 23 години сме сведоци на невистините што се шират за нас – дека не сме биле добар сосед, дека сме имале територијални претензии, дека сме имале измислен јазик, дека сме биле измислена нација.

Веќе 23 години од нас се бара да се откажеме од тоа што сме биле, што сме и што мора да бидеме. Од нас се бара да се откажеме од сопствениот идентитет.

Човек може да се откаже само од она што му е дадено и стекнато. Идентитетот не ни е даден ниту е стекнат. Идентитетот го имаме. Зарем ни се дадени воздухот што го дишеме и водата што ја пиеме, зарем ни е дадено сонцето што нè грее и времето што минува? Исто е и со идентитетот. Идентитетот е дел од нас и ние сме дел од него.

И покрај сите притисоци, блокади и уцени, и покрај сите невистини, издржавме. И ќе издржиме. Македонија е призната под уставното име од 135 (?) држави во светот.

Работите се менуваат и ќе продолжат да се менуваат. Полека, но сигурно, невистината се повлекува пред вистината, како што темнината се повлекува пред светлината.

Јужниот сосед останува сè поосамен пред вистината!

Нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да им го оспори правото на Македонците да бидат Македонци!

Ние не бегаме од дијалог. Сакаме да соработуваме, и покрај разликите. Разликите не смеат да бидат пречка за соработка. Не се плашиме да седнеме и да разговараме. Напротив, постојано повикуваме и постојано апелираме. Се плаши оној што нема аргументи.

Нашата сила е во аргументите, во меѓународното право и принципи, во човековите права и правото на човеково достоинство. Како држава што води политика на добар сосед, и што никого не загрозува, нашата сила е во нашата отвореност и подготвеност за дијалог и соработка.

Каде и да одев, со кого и да се среќавав, истакнував дека ни е потребно решение, но само во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.

Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени!

Само како Македонија и како Македонци сме придобивка за Европа и за светот. Само како Македонија и Македонци, Европа е придобивка за нас!

Почитувани сограѓани,

Охрид нема да биде Охрид без „Св. Јован Канео“, без Самоиловата тврдина, без „Св. Софија“. Охрид нема да биде Охрид без езерото и без чаршијата.

Одземете само еден камен од овој древен град, и сте одзеле илјадници години историја.

Ниту Македонија ќе биде Македонија ако и се одземе макар едно делче од идентитетот.

Македонецот не може да оди против себе, и не дозволува никој да му каже што е!

Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој освен македонските граѓани нема право да одлучува за иднината на Македонија. За тоа право се бореа и се изборија нашите предци.

За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум. Само доколку мнозинството од граѓаните, кои ќе излезат на евентуален референдум, се согласни со предложеното решение. Ниту еден поединец, ниту група граѓани или политичари, партија, влада или собрание, не може да оди против волјата на народот.

Драги сограѓани, вашата волја е конечна!

Драги пријатели

Собрани сме под Самоиловата тврдина, вековниот симбол на македонскиот непокор. Бедем што го одржува сеќавањето за нашето славно минато. Сеќавање што ги поттикна востаниците и борците од двата Илиндена да се борат и да се изборат за нашата слобода и независност.

Наша должност е да ја чуваме слободата и независноста на Македонија.

Како врховен командат ќе се грижам за Армијата на Република Македонија чии припадници се одликуваат со посветеност и професионализам, со патриотизам и со лојалност. Многупату се уверив дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници!

Македонија е земја со длабока традиција на преплетување на културите, религиите и цивилизациите. Како претседател ќе продолжам активно да го промовирам дијалогот, македонскиот модел на соживот и отвореност.

 

Од овие вредности се водиме и во нашата регионална соработка. Регионалната соработка не може да се сведе на добри намери и убави желби, на усвојување декларации и документи. Неопходни се конкретни проекти и конкретни резултати.

Драги сограѓани,

Сите се раѓаме исти под ова небо, без разлика на етничката, верската или која било друга припадност. Државата има обврска да ги чува, да ги негува и да ги унапредува соживотот и заедништвото. Сите сме еднакви пред законите. Со почитувањето на уставно-правниот поредок имаме гарантирани права и слободи на граѓаните. Само во добро уредена држава граѓаните ја остваруваат слободата и ја уживаат безбедноста за да работат, создаваат и творат, и да имаат квалитетен живот.

Државата пред сè!

Македонија да ни биде пред сè!

Постигнавме Македонија да биде безбедна држава. Ни претстои Македонија да ја изградиме како економски развиена држава.

Економскиот раст и развој се она што најмногу ни треба, и тие ќе бидат мој приоритет во следните 5 години.

Наша цел се држава и економија кои создаваат нови работни места!

Со силната реформска посветеност, Владата успеа Македонија да ја направи препознатлива во светот како една од најповолните дестинации за отпочнување и за водење бизнис. Македонија стана еден од најдобрите реформатори во светот и најдобар реформатор во Југоисточна Европа.

Како претседател, работев и ќе работам на отворање нови хоризонти за македонската економија, нови пазари за македонските производи, нови партнерства за македонските стопанственици. Ја промовирам македонската економија, македонските можности и поволности.

Успешноста на политиката во развиениот свет денес се мери со бројот на отворени работни места и со видливи економски резултати. Резултати какви што Македонија покажува.

Досега се креирани околу 120.000 нови работни места. Напорно работиме да продолжиме со овој тренд за граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата.

Новите работни места ја движат нашата економија напред. Македонија мора да понуди поголеми можности за оние што вредно работат и што се подготвени да го користат својот труд, своите вештини и таленти за да ја обезбедат сегашноста и иднината на своите семејства.

Да создадеме услови за да им овозможиме на креативните и иновативните поединци, сопственици и работници да ги развиваат бизнисите и да отвораат нови работни места.

Охрид имаше едно од најразвиените стопанства во Македонија. Но, Охрид и натаму има човечки капитал кој е голем потенцијал за идниот економски развој.

Ќе продолжам да ја помагам културата на претприемаштво. Партнерството меѓу државата и стопанството функционира. Организирав бизнис-форуми. На речиси сите мои посети во странство бев придружуван од успешни стопанственици од Македонија. Дојдено е време за понапредна фаза. Ќе продолжам да ги поддржувам успешните и докажаните, но ќе се посветам и на младите креативни и иновативни претприемачи.

Во следниот мандат, заедно со Владата, голем дел од моите активности ќе го посветам на привлекување странски компании кои ќе инвестираат во Македонија.

Нема да ги заборавиме основните македонски економски потенцијали. Македонија може да произведува и да извезува уште повеќе. Македонија може да произведува енергија уште повеќе. Да ги искористиме и да ги искористуваме овие потенцијали.

Македонските производи се надалеку познати и барани. Охрид ги има: Охридската пастрмка, охридскиот бисер, охридската цреша. Ќе ги брендираме и заштитиме нашите производи, за да се знае какви плодови дава на нашата македонска почва. Македонија може да биде напредна земјоделска земја. Сите ќе се согласиме дека огромна е поддршката на Владата за унапредување на земјоделството.

Низ Охрид некогаш минуваше Виа Егнација. Поради овој древен пат во минатото цутеа занаетите и се развиваше трговијата. Охрид беше економски силен, развиен и надалеку прочуен.

Сакаме повторно да ја вратиме Виа Егнација во Охрид за градот повторно да стане економски развиен. Коридорот 8 е современата Виа Егнација.

Силно ќе се залагам Коридорот 8 да се поврзе со Јадранско-јонската магистрала. Со тоа, Македонија и Охрид ќе се поврзат со Европа и со светот.

Веќе се гради патот Кичево – Охрид. Со тоа ја поврзуваме Македонија, за луѓето полесно и побргу да патуваат. За половина час ќе се намали времето на патување од Скопје до Охрид. Сакаме и помалите градови, помалите населени места повторно да заживеат. Да се врати оптимизмот и вербата дека може да се биде успешен не само во Скопје, туку и во родното место.

Покрај патните, и воздушните коридори се развиваат. Секоја година има сè повеќе патници на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Сакаме уште повеќе летови што во градот на УНЕСКО ќе носат туристи од целиот свет.

Охрид да биде исполнет со туристи преку цела година, а не само за време на летната туристичка сезона. Тука има храна за сечија душа. И летен туризам на охридските плажи, културно-историски туризам низ охридските цркви и манастири, планински и еко-туризам на падините на Галичица.

Веќе се планира и туристичка развојна зона на охридското крајбрежје.

Драги пријатели,

Наша цел е Македонија како дом во кој се гради благосостојба за сите!

На сите нејзини граѓани, на младите, на семејствата, на дијаспората.

Остануваме посветени на повеќеетничкиот, повеќерелигискиот, повеќејазичниот соживот и почитување на различноста во Република Македонија. Ќе се залагам за доследна примена на Охридскиот рамковен договор, кој е дел од Уставот на Република Македонија, но потребна е и доследна примена на обврските од истиот. Најголема обврска е Македонија како заеднички дом за сите.

Охрид има вековна традиција на духовно богати луѓе. Уште во 19 век Охрид дава врвни интелектуалци. Доктори по правни науки, медицина, математика, физика. Само од семејството Робеви произлегоа шест истакнати дејци, школувани на врвни универзитети во Виена и во Париз. Васил и Никола Дијамандиеви студирале во Москва. Атанас Коцарев докторирал во Женева, а работел во Париз. Ѓорѓи Капчев, Климент Размов, Владимир Поп-Атанасов, студирале право во Софија. Стефан Дедов и Петре Пирузе завршиле право во Белград. Сите тие, и многу други, биле активно вклучени во напорите за независна Македонија. Нивниот глас се слушал во Европа.

Секој личен успех е успех и за Македонија. Образованието е патот до успехот.

На многу млади луѓе во неодамнешното минато им беше потешко да го продолжат своето образование и да запишат факултет. Пречка можеби биле финансиите или тоа што не можеле да заминат подалеку од нивните родни места. Многу неостварени соништа и многу пропуштени можности за Македонија.

 

Денес, високото образование им го приближуваме на младите. Високото образование станува достапно за секој што има желба да учи, да се развива и  да напредува во животот.

Отворени се два нови државни универзитета и 25 нови факултети низ Македонија. Во Охрид беше отворен Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“.

Сигурен сум дека со долгорочно инвестирање во образованието, Република Македонија ќе стане земја на образовани луѓе. Земја во која секоја година ќе се отвораат нови работни места, токму поради тоа што ќе имаме сè повеќе високообразовани луѓе.

И повторно, инспирацијата ја црпиме од ова свето место.

Во времето на св. Климент, Охрид беше центар на словенската писменост, образование и култура. Денес, повторно го возобновуваме Универзитетот на св. Климент кај Плаошник.

Во време кога нашиот народ се наоѓаше во духовно ропство, Охрид беше жариште на македонската преродба, во кое твореа Прличев, Шапкарев…

Денес, од Охрид ја барам довербата на граѓаните за, со нови сили, да продолжиме со инвестирањето во образованието. Да создаваме млади луѓе подготвени да се натпреваруваат со своето знаење на светската интелектуална арена. Образованието е основа за поконкурентна економија,  за подобар живот и за посигурна иднина.

Ќе продолжам да ги поддржувам реформите на Владата насочени кон подобрување на образованието.

Ќе продолжам и со моите проекти „Школа за млади лидери“ и „Најдобар млад научник“. Проекти со кои ги мотивираме и ги инспирираме младите луѓе да се развиваат и да станат успешни. Проекти со кои ја поддржувам македонската наука и ги охрабрувам младите научници. Сакам Македонија да прерасне во земја на иновации и нови технологии, кои ќе бидат двигатели на македонската економија.

Веќе ги владееме механизмите со кои компаниите можат да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.

Македонија да ја градиме како земја на иновации и нови технологии. Развој на научноистражувачката и институционалната инфраструктура за иновации и за поттикнување на иноваторството. Само на овој начин ќе создадеме општество засновано на знаење и успешна економија којашто ќе биде конкурентна на глобалниот пазар.

 

Почитувани присутни,

Македонија е земја со богата традиција. Најголемото богатство е тука, во нашата културна и духовна престолнина.

Кога ја претставувам Македонија во странство, секогаш зборувам за Охрид, за езерото, за Плаошник, за охридскиот бисер, за галеријата на икони. Охрид е ризница на културно-историско наследство за светот.

Моите високи гости редовно ги носам во овој град за сами да се уверат во нашата историја. Историјата е дел од идентитетот и е душата на Македонија. Обичаите се она што ни дава припадност и нè прави посебни и препознатливи на Балканот, во Европа  и во светот.

Треба да ги сочуваме традиционалните вредности и притоа да ја задржиме способноста да создаваме нови културни вредности. Секоја нова генерација може да се надгради на претходно создаденото, но и да даде нов поглед за себе, за Македонија и за светот.

Македонија има со што да се пофали во светот. Како и досега, ќе ја промовирам македонската култура и уметност насекаде во светот.

Македонија е дом на секое семејство. Ќе продолжам да ги поддржувам сите активни иницијативи и политики со кои се охрабруваат младите да основаат семејства и да оставаат потомство. Државата мора да биде и да остане најсилниот сојузник на семејството, на родителите и на нивните деца.

Македонија им припаѓа на сите нејзини чеда, каде и да се во светот. Нашата дијаспора има голем број успешни луѓе во науката, медицината, спортот, бизнисот, уметноста и во многу други области и се вистински амбасадори на нашата земја, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Секој нивен успех е успех и за Република Македонија.

Ќе продолжам да ги поддржувам глобалните инвестициски самити што „Македонија 2025“ ги организира тука, во Охрид, и коишто отвораат ново поглавје на соработка со нашата дијаспора.

Драги пријатели,

•        Европа во Македонија и Македонија во Европа!

•        Држава и економија кои создаваат нови работни места!

•        Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите!

Ова се целите што треба да ги постигнеме за што ја барам вашата доверба. За да се остварат сите три меѓузависни цели, потребна е напорна работа и соработка. Соработка меѓу институциите на државата, соработка меѓу државата, стопанството и образованието, соработката меѓу граѓаните. Соработка на Македонија со соседите, во регионот, во меѓународните организации.

Само заедно можеме да ги исполниме целите. Само заедно можеме да направиме уште многу за Македонија да биде земја на благосостојба.

Од Охрид почнуваме. Со чист образ ќе одиме во сите градови и села во Македонија со овие посветени луѓе со кои сум заедно денес. Сликата на Охрид, на езерото, на овој најголем собир, на оваа огромна поддршка, ќе ја носам цело време.

Продолжуваме до победата затоа што изборот е Македонија!

Да живее Република Македонија