Спорт

Пред дуелот Вардар - Барселона Гонзалез: Не’ очекува меч со најголемиот ривал

Гонзалез: Не’ очекува меч со најголемиот ривал

Ракометарите на Вардар за два дена ја пречекуваат Барселона во дуел на две екипи од врвот на групата A во Лигата на шампионите.Tренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес и капитенот Стојанче Стоилов со оптимизам го очекуваат дербито на колото во елитното натпреварување.

„Не’ очекува дуел со голем противник како што е Барселона. Имаат многу квалитетни играчи со искуство. Ќе биде многу тешко. Се работи за две екипи еднакви по квалитет. За да победиме ќе треба да одиграме добро и во одбраната и во нападот. Со нив се сретнавме на Супер Глоуб на почетокот на сезоната и на тој меч, иако изгубивме, покажавме дека можеме да играме со нив. Верувам дека нашите навивачи ќе дојдат во голем број и ќе ни помогнат да ја постигнеме целта“, изјави Гонзалес на денешната прес-конференција.

Капитенот Стоилов посакува реванш за поразот во Доха.

„Барселона ни го нанесе единствениот пораз оваа сезона. На тој меч во Доха не се покажавме во најдобро светло. Мислам дека тука ќе ги победиме. Атмосферата во тимот е супер. Немаме повредени играчи. Сите се желни за успех и очекува со помош на нашите навивачи да победиме“, рече Стоилов.

Натпреварот Вардар – Барселона ќе се игра в сабота (14 октомври) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот и 30 минути.