Македонија,Крими хроника

ГП Ново село остана без цариници, сите уапсени од полицијата

ГП Ново село остана без цариници, сите уапсени од полицијата

Седуммина вработените на граничниот премин Ново село и шестмина други лица се уапсени во денешната полициска акција која што се спроведуваше во повеќе градови, но, пред се’ во Струмица.

Министерството за внатрешни работи информира дека денеска се уапсени раководителот на Царинската испостава Ново село и шестмина царински службеници кои се сомничат дека наместо да вршат контрола на стоките тие за одреден надоместок дозволувале криумчарење преку македонско-бугарската граница.

„Делата се вршени на тој начин што нарачателите на трговската стока (правни субјекти), кои истата ја купувале во Бугарија и Грција претходно ја оставале на одредено, само за нив познато место во Бугарија или Грција. По претходен договор, превозниците ја преземале стоката и ја пренесувале во Македонија. Истите транспортот го вршеле преку ГП Ново Село до однапред договорена дестинација и тоа секогаш кога на должност биле некои од царинските службеници-членови на злосторничкото здружение, кои во договор со истите не вршеле царинска контрола, односно преглед на возилата и трговската стока што се пренесувала, а со цел да бидат избегнати задолжителните царински давачки“, соопштуваат од Министерството.

По транспорот, трговците на превозниците им давале пари од кои дел биле и за цариниците.

Полицијата денеска запленила и осум возила, а во тек е втора фаза од акцијата при што проверуваат објектите во кои се продавала криумчарената стока во Струмица, Скопје, Прилеп, Куманово, Василево, Виница, Тетово и Штип.