Град Скопје доби признание од Друштвото за патишта на Македонија

 

Во Градежниот факултет во Скопје, со низа  свечености и стручни советувања се одбележа јубилејот – 45 години од основањето на Друштвото за патишта на Република Македонија.

На свеченото одбележување на овој јубилеј присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, Претсетаделот на Друштвото за патишта на Република Македонија, Горан Мијоски, Деканот на градежниот факултет, Милорад Јовановски, како и голем број  членови на оваа асоцијација и гости.

Претседателот на Друштвото за патишта на Република Македонија, Горан Мијоски во своето обраќање се задржа на историјатот на ова здружение, неговата досегашна работа и неговото значење во развојот на градежништвото во Република Македонија.

Премиерот Груевски кажа дека развиената патна инфраструктура е важна за економскиот развој на една држава, развиеноста на туризмот и е прашање на коешто Владата на Република Македонија посветува големо време и енергија.

Тој во своето обраќање наведе и дел од инвестициите во патиштата изминатиов период, а се осврна и за плановите на ова поле во иднина каде што како главни проекти ги наведе изградбата на автопатот Кичево-Охрид и Скопје-Штип.

Како дел од свеченостите за одбележување на овој јубилеј беа доделени и признанија за институции и поединци кои во изминатиот период имаат оставено белег во патоизградбата.

Друштвото за патишта на Република Македонија додели признание на Градот Скопје за „Исклучителен развој на градските сообраќајници”. Наградата ја прими Претседателот на Советот на Град Скоплје, Ирена Мишева.

На свеченото одбележување на овој јубилеј беше одржано меѓународно стручно советување на тема „Автопатиштата, клуч за понатамошен економски развој на Република Македонија” на која се дискутираше за сите аспекти од изградбата на автопатишта (планирање, проектирање, изградба, одржување, управување и безбедност).

Друштвото за патишта на Република Македонија како стручна асоцијација на градежните инженери од областа на патиштата (ДПМ) е основано кон крајот на 1967 и почетокот на 1968 година, а прв претседател бил дипломираниот  градежен инженер Младен Николовски. Друштвото за патишта на Република Македонија е доброволно, стручно професионално, непрофитно здружение (асоцијација) на граѓани. Друштвото за патишта на Република Македонија е колективен член на инженерската асоцијација на Р. Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.