Македонија

Град Скопје додели такси сертификати

Град Скопје додели такси сертификати

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска им ги додели сертификатите за авто-такси возачи на кандидатите коишто ја завршија обуката и го положија испитот за добивање Сертификат за авто-такси возач во Град Скопје.

– Денеска официјално им ги доделуваме првите сертификати за авто-такси возачи на кандидатите коишто ја завршија обуката и го положија испитот за добивање Сертификат за авто-такси возач во Град Скопје пред комисија составена од 5 членови, од кои 3 членови се овластени правни лица од Град Скопје и 2 членови се од такси компании. До денеска ја завршиле обуката и го положиле испитот 12 кандидати, коишто за да ја посетуваат обуката и да го полагаат испитот платиле вкупно 3 500 денари. Градот Скопје се надева дека со добивањето на овие сертификати кандидатите ќе можат полесно да се вработат во такси компании, ќе воведе поголем ред во такси превозот, ќе се зголеми безбедноста на патниците коишто користат такси услуги, ќе се зголеми квалитетот на тие услуги и ќе се елиминира нелојалната конкуренција во такси превозот- истакна градоначалникот Трајановски.

Avto-taksi sertifikati januari 2015 (1)

Градоначалникот официјлно им ги врачи сертификатите на првите пет кандидати коишто го положиле испитот, односно на Горан Спировски, Халили Ќамуран, Игор Поповски, Горан Гарески и на Александар Нешов и им пожела успех во понатамошната работа во такси превозот.

Од името на добитниците на Сертификат за авто-такси возач се заблагодари Горан Гарески кој, исто така, смета дека со полагањата за добивање Сертификат за авто-такси возачи ќе се подобри квалитетот на услугите, како и евиденцијата на такси превозниците. Тој потенцираше дека посетувањето на обуката нему и на сите други кандидати коишто ќе добијат сертификат ќе им помогне многу поквалитетно да ја извршуваат својата работа.

Во членот 8-з од Законот за превоз во патниот сообраќај (објавен во ,,Службен весник на РМ ”со бр.68/04, 127/06,114/09, 83/10, 140/10, 17/11, 53/11, 6/12, 23/13, 120/13, 163/13, 187/13, 42/14 и 112/14), стои дека еден од условите за добивање на Лиценца за авто-такси превоз е да има вработено авто-такси возачи кои поседуваат сертификат за авто-такси возач. Поради тоа Градот Скопје на 15.12.2014 година објави Јавен повик за пријавување на кандидати за полагање на испит за добивање на сертификат за авто-такси возачи во Град Скопје.

Avto-taksi sertifikati januari 2015 (3)

Кандидатите за да можат да го полагаат испитот за добивање сертификат за авто-такси возач во Град Скопје претходно треба да завршат обука за авто-такси возачи кај овластени правни лица од Градоначалникот на Град Скопје.

Право на полагање на испитот за добивање на сертификат за авто- такси возач во Град Скопје имаат сите физички лица кои поседуваат Потврда за завршена обука издадена од овластеното правно лице и возачка дозвола за Б категорија.

Градот Скопје по објавување на Јавниот повик при продолжување или изготвување на нови лиценци за авто-такси превоз како услов за истите ќе го бара и Сертификатот за авто-такси возачи и без него нема да издава лиценци за вршење на оваа дејност.