Градот Скопје со есенска акција за доделување садници

Продолжува традиционалната есенска акција за доделување садници на заинтересирани куќни совети и урбани месни заедници на Градот Скопје.

Годинава Градот ќе додели 2.000 дрвца (листопадни и зимзелени) од ЈП „Паркови и зеленило“. Садниците коишто ќе ги додели Градот Скопје ќе бидат стручно засадени од вработени лица во ЈП„Паркови и зеленило“.

Заинтересираните куќни совети и месни урбани заедници треба да поднесат барање за доделување садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82. Субјектите во барањето треба да го наведат бројот на садниците што бараат да им се доделат и точната локација на којашто планираат да ги засадат дрвцата. На барањето треба да стои печат од куќниот совет или од  месната урбана заедница. На куќните совети и на месните урбани заедници на коишто ќе им бидат одобрени барањата, во оваа акција ќе им се доделат најмногу 10 (десет) садници.  Барањата за добивање садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје може да се доставуваат од 3 до 13 ноември 2015 година, а од 16 до 25 ноември  субјектите ќе може да ги подигнат решенијата за доделените садници, информираат од Град Скопје.

Инаку, скцијата на Град Скопје за доделување садници се организира осма година по ред. Градот доделува садници во две етапи напролет и наесен.