Македонија,Спорт

Град Скопје ги додели наградите за Спортист на годината

Град Скопје ги додели наградите за Спортист на годината

Во присуство на голем број спортисти, тренери, спортски работници и спортски екипи, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на најдобрите за 2013 година им ги врачи признанијата Спортист на годината. Плакетите ги врачија градоначалникот Трајановски, секретарот на Град Скопје, Гордана Клинчарова, претседателот на Kомисијата за спорт и млади при Советот на Град Скопје, Александар Бичиклиски и претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Ѓорѓи Кузмановски.

„Искрено Ви честитам на трудот и залагањето во постигнувањето на вашите резултати за почит, достигнувања за афирмација на главниот град и на Република Македонија. Пријатни и интересни се овие среќавања со сите вас, особено кога по постигнувањето на вашите успеси, можеме да подвлечеме црта на изминатата година и малку порелаксирано да се дружиме и да славиме. Се разбира дека чувствувам гордост, што како градоначалник на Град Скопје денеска имам чест да Ве поздравам и да Ви честитам на Вас спортистите, тренерите, спортските работници и екипите што постигнавте завидни, извонредни резултати на најсилни европски и светски натпревари, претставувајќи го достоинствено Градот Скопје и Република Македонија како најпродуктивните можни амбасадори. Сакам да потенцирам, дека од Градот Скопје и натаму ќе ја имате целосната поддршка – финансиска, логистичка, морална, со цел и во иднина да се радуваме и да ги славиме спортските успеси. Особено ќе истакнам дека и натаму, покрај вложувањата во врвниот спорт во рамките на нашите можности, ќе продолжиме со вложувањата во нашата база и иднина, средношколскиот спорт, кој изминативе години направи рапиден напредок, како што планиравме и како што ветивме. За тоа, секако говорат и резултатите и масовноста, но и успесите кои нашите средношколци, со огромно залагање од своите професори,  во континуитет ги постигнаа и ќе ги постигнуваат на гостувањата во збратимените градови. Вам и на Вашите семејства, од срце Ви ги честитам претстојните празници и Ви пожелувам уште подобри постигнувања наредните години, им порача на присутните“, градоначалникот Трајановски.

Град Скопје, традиционално, во соработка со Сојузот на спортови на Скопје, на најдобрите 10 спортисти – сениори, 5 спортисти – младинци, тренер, 3 екипи, спортист со посебни потреби и спортисти за особени достигнувања, им ги доделува годишните награди.

„Навистина ми претставува чест што денеска, веќе 14-та година по ред, заедно со Град Скопје, на најуспешните на спортски план за 2013 година, имаме можност да им ги врачиме заслужените признанија. Доделувањето на наградата спортист на годината за прв пат  се случи во далечната 1954 година во организација на тогашниот Сојуз за физичка култура на Македонија, а поради доминантноста на скопските спортисти во категориите, од 1999-та се организира во организација на Сојузот на спортови на град Скопје и Градот Скопје, којшто е еден од најголемите поддржувачи на спортските активности во градов кои се особено значајни за нас, а кои се надевам дека и натаму ќе ве мотивираат Вас во постигнувањето на уште поголеми спортски достигнувања, рече Ѓорѓи Кузмановски, претседателот на Сојузот на спортови на град Скопје.

Годинава за најдобар спортист со посебни потреби беше прогласен Димче Михајловски, којшто го освои 1-во место на 100 метри поединечно, во алпско скијање при учество на зимската Специјална олимпијада во Јужна Кореа.

За спортист со особени достигнувања беше прогласен Владимир Аницинов којшто освои 2 бронзени медали поединечно и во двојки на Светското првенство во Словачка во 2013 година.

Денеска беа прогласени и најдобрите млади спортисти: Виктор Крстевски  од Карате клубот „Металург“, за освоено 3 место до 76 килограми на Европското првенство во Турција; Марија Божиновска од Кик бокс клубот „Гладијатор“ за освоено 3-то место на Европското првенство во Полска и за државен првак на Македонија; Матеј Ангеловски во областа традиционално карате од Карате клубот „Работнички“, за освоено трето место на европското првенство во Белград и два бронзени медали за Фукуто и Кумите; Елмендин Сејфулау од боречкиот клуб „Лирија“ за освоено трето место на Европското првенство за кадети во Црна Гора што се одржа годинава во месец јуни; Бојан Јанкуловски од Тенискиот клуб „Југ“, победник на 5 интернационални турнири до 16 години и влез во два полуфинални мечеви до 18 години.

За најуспешни екипи беа прогласени Ракометниот клуб ЖРК „Вардар“ СЦБТ за пласманот во првите 8 екипи во Лигата на европски шампиони; Кугларскиот клуб „Макпетрол“ за освоено 2-ро место на Европското првенство (поединечен спорт) и Кугларската репрезентација на Македонија за освоено второ место на Светското првенство во двојки.

Најуспешен  тренер  годинава е Индира Кастратовиќ, тренер на Женскиот ракометен клуб „Вардар“. Најуспешни спортисти – Сениори за 2013 година се : Евгениј Поп Ацев од Пливачкиот клуб „Студент“ за освоено второ место на Светската ранг листа од 10 маратони со должина на патеки од 10-58 километри; Александар Стојковски од Кик бокс клубот „Каринг“ за освоено трето место на Светско првенство; Дејан Манасков од Ракометниот клуб „Металург“ за пласман во најдобрите 8 екипи, во Лигата на шампиони на Европа; Стојанче Стоилов, од Ракометниот клуб „Вардар“, за пласман во најдобрите 16 во Лигата на шампиони на Европа; Бојан Влакевски од кугларскиот клуб „Макпетрол“, за освоено 2-ро место на Светското првенство во двојки; Томи Стефановски за освоено 4-то место на Светската ранг листа за маратонско пливање и 1-во место во Канада; Слободан Ивчевски од клубот „Сакам мото“, во категоријата Супер мото, за освоено 4-то место на Ранг листата на Европскиот шампионат  и освоено 3-то место во Бугарија; Иво Цветковски од Карате клубот „Металург“ за освоено 1-во место на Универзитетски спортски игри; Ѓорѓи Чековски од Кошаркарскиот клуб  „МЗТ Скопје“-Аеродром, за пласман во Купот на Европа и Јадранска лига, и за освоениот Шампионат во кошарка на Македонија и Јасин Реџелари од Боречкиот Клуб „Лирија“, за 3-то место на медитеранските игри во Мерсин, Турција, во 2013 и Шампион на Македонија.