Град Скопје го распиша конкурсот за екологија

Градот Скопје го распиша јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта, како дел од традиционалната манифестација „Денови на пролетта – Денови на екологијата“. Целта на овој конкурс е да се промовира и популаризира грижата за животната средина и природата.

Според условите на конкурсот, Градот Скопје и годинава ќе избира:

1.Најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес кон зачувување на животната средина);
2.Најголем придонес во областа на животната средина (правни и/или физички лица кои со својата активност сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областите на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија и сл.);
3.Најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект);
4.Најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и средните училишта);
5.Најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и средните училишта).

Сите заинтересирани своите пријави може да ги доставуваат по пошта на адресата: Град Скопје-Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден, број 82, или во архивата на Град Скопје, како и на телефонските броеви 02/3297-273 и 3297-304.
За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари.

За четвртата категорија се предвидени две награди – една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.

За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.

Пристигнатите пријави ќе ги разгледува комисија формирана од претставници на градската администрација и од невладините организации.

Пријавувањето трае до 15 мај 2015 година. Прогласувањето на добитниците во сите категории ќе се одржи на 5 јуни.