Град Скопје и годинава ќе избира најубаво украсен објект

Градот Скопје и оваа годинава во рамките на Новогодишните и Божиќните свечености ја организира веќе традиционалната манифестација “Новогодишните бои на Скопје“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови и работни простории и да придонесат во разубавување на празничниот амбиент на градот.

Доколку сте заинтересирани да учествувате во изборот ќе треба да се пријавите на телефонскиот број 3297 265,  од девет до 16 часот, од 11 до 23 декември.

Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да испраќаат на Интернет-адресата mediumi@skopje.gov.mk или на адреса: булевар Илинден бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.

Традиционално избира: најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа, најубаво новогодишно украсена тераса од стан; најубаво новогодишно украсен угостителски објект (надворешно); најубаво новогодишно украсен двор на средно училиште.

Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија којашто ќе биде составена од претставници на медиумите.

Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10 000 денари, што ќе им бидат доделени на  првонаградените од трите категории, фирмата ФАС-ВАС Васко ДООЕЛ ќе им додели ваучери во вредност од 2 000 денари, исто така на првонаградените од трите категории, а ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2013 година.

Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, со претставници од ЕВН Македонија, на крајот на месец декември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.