Македонија

Град Скопје испрати дополнителна помош за Србија

Град Скопје испрати дополнителна помош за Србија

Градот Скопје доцна синоќа испрати дополнителна помош за настраданите во поплавите што ја погодија Република Србија. Помошта од Скопје е веќе пристигната во Белград, а тамошните власти ќе ја распоредат според потребите.

– Скопје и скопјани длабоко сочувствуваат со нашите соседи од Србија. Градот Скопје и јас, како градоначалник, сме во постојана комуникација со градоначалникот на Белград, Синиша Мали, од кого добиваме информации каква помош им е најпотребна во моментов. Градот Скопје многу брзо се организира, веќе испративме 50.000 вреќи за песок, како и шлепер со флаширана вода за пиење, а дополнително испративме и едно противпожарно возило опремено со две моќни пумпи за испумпување вода и дополнителна опрема, чамец за спасување, како и екипа од шест пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје кои ќе се вклучат во извлекување на настраданите. Според моите информации, испратената помош е веќе пристигната во Белград. Во хуманитарната акција учествуваме и преку Црвениот крст на Град Скопје. Се прават и последните подготовки за хуманитарната помош што ќе ја испратиме и за Босна и Херцеговина, за помош во овие досега невидени поплави на овие простори. Сакам да нагласам дека Скопје е град на солидарноста, а неговите сограѓани добро се сеќаваат на помошта што пристигнуваше од сите делови на светот по катастрофалниот скопски земјотрес. Сега нам ни е редот да помогнеме – изјави денеска градоначалникот Коце Трајановски.

Помошта е веќе пристигната во Белград, додека пожарникарите, противпожарното возила, пумпи и чамци се препратени во Обреновац.