30.000 денари субвенции за купување печки на пелети

Град Скопје пред претстојната зима ќе ги стимулира граѓаните да купуваат печки на пелети за да се избегне загадувањето на воздухот за кое една од главните причини е затоплувањето на домовите со дрвја, остатоци од мебел и други несоодветни горива, најави денеска скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

– Во пресрет на претстојната зима и почетокот на сезоната на затоплување на домовите, му предложив на Советот на Град Скопје на денешната седница да донесе Програма за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година. Предложив Градот Скопје да им излезе во пресрет на граѓаните и да субвенционира купување печки на пелети, односно да надомести дел од трошоците направени при купување печка на пелети за затоплување на домовите, рече Трајновски на денешната прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој прецизира дека со мерката се предвидува Градот да надомести 70 отсто од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката, како што кажа, не ги опфаќа домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење.

– Право на учество на јавниот повик што ќе го објави Градот Скопје ќе имаат жителите на Град Скопје, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор по денот на објавување на јавниот повик и ќе поднесат образец за барање за искористување на правото за надоместок. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30 ноември годинава, т.е. јавниот повик ќе биде објавен во текот на наредната недела, по објавување на советот во Службен Весник на Република Македонија, а ќе трае до 30 ноември годинава, рече Трајановски.

Градот Скопје, додаде, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно исполнување.

Заинтересираните граѓани ќе треба да достават пополнет образец за барање, кој содржи и изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за купување печка на пелети, од друг јавен повик од кој било извор во Република Македонија, доказ за жителство во Град Скопје, со доставување фотокопија на личната карта на барателот, оказ во оригинал дека е извршено купување печка на пелети и тоа со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавување на повикот.

Барањето ќе може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот Скопје www.skopje.gov.mk.

Едно лице ќе може да поднесе само едно барање за добивање надоместок. Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 09:30 до 15 часот. На пликот треба да стои: Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година, како и името и презимето и адресата на барателот.

За пристигнатите барања ќе решава комисија, која ќе има задача да ги провери пристигнатите пријави и да изврши контрола на терен за веродостојноста на набавката и користењето на печката на пелети, т.е дали печката е купена и инсталирана.