Град Скопје со низа мерки за помош на поплавените во висина од неколку милиони евра

На денешната седница на Советот на Град Скопје, по предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат донесени неколку исклучително важни одлуки за погодените граѓани од поплавите кои веруваме дека со нетрпение и поздрав ќе ги дочекаат, во насока на помош за санирање на штетите кои беа предизвикани во неколку населени места на територијата на Скопје по катастрофалните поплави од кобниот 6 август, истакна денес Слободанка Трајковска, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

Во продолжение интегрален текст од прес конференцијата на Трајковска

Градот Скопје и јавните претпријатија уште од почетокот на невремето беа на терен со целокупната механизација и човечки потенцијал, каде работеа на помагање на жителите од населените места кои беа најпогодени. Екипите на Штабот за заштита  и спасување на Град Скопје беа ангажирани во евакуација на луѓе кои беа во загрозените подрачја, работеа на вадење на водата од домовите и дворовите на граѓаните, со механизација работеа на расчистување на улиците и каналите, транспортирање на ѓубрето и градежниот шут, миење на улиците. Ние како Град Скопје ќе бидеме заедно со граѓаните до самиот крај на санирање на штетите и ќе работиме со сите наши капацитети.

Првата одлука со која ќе ги продолжиме активностите за санација на штетите е воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Гази Баба, заради изградба, реконструкција и санација на улици во населени места во Општина Гази Баба. Со оваа одлука Градот Скопје ќе издвои 150 милиони денари, или околу 2,5 милиони евра за реконструкција и санација на улиците кои беа оштетени од поплавите во неколку населени места во Гази Баба.

Втората одлука е ослободување на корисниците од плаќање надомест за извршена услуга собирање и транспортирање на комунален отпад. Со оваа одлука целиот собран и транспортиран отпад коj се собра и транспортира како дел од акцијата на расчистувањето на населените места, нема да биде наплатен, поточно граѓаните се ослободени од таа обврска.

Третата одлука е таа за ослободување од плаќање на надоместот за користење на услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, на  корисниците од погодените подрачја со поплавата за месеците 8, 9, 10.2016 година. Со оваа одлука сите лица кои беа погодени од поплавата ќе бидат ослободени од обврската за плаќање на користењето на вода и собирањето на комунален смет за три месеци, од август до октомври.

Со овие одлуки сметаме дека значително ќе придонесат за нормализација на целокупниот живот на населението и стопанските објекти кои беа зафатени од катастрофалните временски неприлики во кои беа настанати огромни материјални штети.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Градот Скопје со сите свои сили и капацитети со кои располага и понатаму ќе работи на надминување на штетите и состојбите предизвикани од катастрофалните поплави кои се огромна болка за погодените граѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.