Македонија

Град Скопје подготвен да се справи со последиците од евентуалното невреме

Град Скопје подготвен да се справи со последиците од евентуалното невреме

Градот Скопје и Штабот за заштита и спасување на Град Скопје се подготвени да се справат со последиците од невремето што се најавува дека ќе ја зафати територијата на нашата земја во наредните денови.

Според препораките од Владата на Република Македонија, веќе се мобилизирани екипи од сите јавни градски претпријатија, од ЈП „Водовод и канализација“, од ЈП „Улици и патишта“, од ЈП „Комунална хигиена“, од ЈСП, од ЈП „Градски паркинг“ и од ЈП „Паркови и зеленило“, кои во соработка со екипите од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и со СВР Скопје уште во првите моменти од најавените интензивни врнежи од дожд ќе излезат на терен и нема да дозволат невремето зад себе да остави штети.

Штабот за заштита и спасување на Град Скопје располага со соодветни материјално-технички средства и механизација, 50.000 вреќи со песок, камиони, багери, цистерни, пумпи за извлекување вода, чамци за спасување и друга опрема. Доколку состојбата на терен се влоши и ги надмине постојните капацитети, ќе се вклучи и дополнителна механизација.

Екипи на Град Скопје ќе дежураат на сите мостови по течението на реката Вардар и на притоките, ќе го следат водостојот и ќе информираат доколку се јави опасност од големи наноси. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“, пак, ја проверуваат, чистат и обележуваат целата атмосферска канализациска мрежа што е во надлежност на Град Скопје.

Градот Скопје редовно ќе ги информира граѓаните за состојбата на терен и за евентуалните проблеми во одвивањето на сообраќајот или застој во автобуските линии.

Градот Скопје ги информира граѓаните на кои им е потребна помош поради евентуалните влошени временски услови да се јават на дежурниот (24 часа) и бесплатен телефонски број 195 и да побараат помош.

Штабот за заштита и спасување на Град Скопје денеска /30.01.2015 година/ изведе и техничко-показна вежба, на кејот на реката Вардар, кај паркот во Аеродром, на која беа демонстрирани техники за справување со последиците од влошени временски услови во градска средина.