Град Скопје потпиша Меморандум за соработка со Телото на обединети нации за родова рамноправност

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска учествуваше во официјалниот почеток на втората фаза на регионалниот проект за Промоција на Родово одговорни политики и буџети во југоисточна Европа.

На официјалниот почеток на втората фаза на регионалниот проект за Промоција на Родово одговорни политики и буџети во југоисточна Европа присуствуваа и заменик министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, претседателката на Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите, Лилјана Поповска, Регионална директорка за Европа и Централна Азија при Телото на Обединети нации за родова рамноправност и зајакнување на жените, Ингибјорг Гисладотир, амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија, Стефано Лазарото, амбасадорот на Австрија во Република Македонија, Томас Мајкл Бајер, како и постојаниот претставник на Обединетите нации, Луиза Винтон.

Официјалниот почеток на втората фаза на овој проект беше означен со потпишување на Меморандум за соработка меѓу Телото на Обединети нации за родова рамноправност и зајакнување на жените (UN Women) и Град Скопје. Целта на овој Меморандум е да се обезбеди рамка за соработка во воведувањето на родовата перспектива во локалните програми, нивно спроведување и следење преку примена на родово одговорно буџетирање, jакнење на капацитетите на општинската администрација и општинските совети во областа на родовата еднаквост и родово одговорно буџетирање, како и соработка во насока на размена на искуства на државно и регионално ниво и учење од добрите практики од преостанатите европски градови кои се предводници во овие сфери.

ANE_4684

Во втората фаза на овој проект, покрај Градот Скопје, учество ќе земат и  општините Ѓорче Петров, Аеродором, Штип, Струмица, Тетово, Свети Николе, Битола, Маврово–Ростуше и Боговиње.

ANE_4682

Градоначалникот Трајановски го поздрави овој проект, посочувајќи ја досегашната одлична соработка на Градот Скопје со Телото на Обединети нации за родова рамноправност и зајакнување на жените, како што се помошта во носењето и имплементацијата на Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје, формирањето Работна група за стратешко планирање и буџетирање, односно интегрирање на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетските процеси на Град Скопје, како и многубројните обуки и студиски посети на претставници на градската администрација во сферата на родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање. Трајановски изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период, преку вклучувањето на Градот Скопје во втората фаза на овој проект.

„ Активностите на Градот Скопје во наредниот период ќе бидат насочени кон вклучување на родовата перспектива во креирањето на политиките и јавни услуги на локално ниво, нудење платформа за акција за вклучување на родовата перспектива, како и соработка со различни засегнати страни кои ќе се јават како партнери на Градот Скопје во спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост. Исто така, еден од приоритетите за Градот Скопје ќе биде развивањето на првиот родово одговорен Буџет на локално ниво. Ваков Буџет веќе се имплементира во неколку министерства, а Град Скопје има отвореност и подготвеност истиот пристап да го примени во програмите на Градот. Сакам да истакнам дека, со потпишувањето на овој Меморандум за соработка, односно со реализацијата на овој проект во земјата, се прави значаен чекор во исполнувањето на обврските на единиците на локална самоуправа поврзани со родовата еднкавост. Како Претседател на ЗЕЛС, сметам дека оваа тема е од значење за сите, и искрено се надевам на вклучување на што повеќе единици на локална самоуправа во понатамошните фази. Град Скопје  во оваа фаза целосно ќе се заложи и посвети на прашањата за родовата еднаквост, ќе сподели добри практики и искуства и ќе ги поддржи многубројните активности кои се дел од Проектот, но и надвор од него, затоа што нашата мисија не е само вклучување на родовата перпектива при креирањето на локалните политики туку и зголемување на свеста кај граѓаните за користа од воведувањето на родово-одговорни политики како клучна алатка за унапредување на еднаквоста меѓу мажите и жените“, рече градоначалникот Трајановски.

ANE_4515

 

Втората фаза на регионалниот проект за Промоција на Родово одговорни политики и буџети во југоисточна Европа претставува продолжение на досегашните напори и постигнувања  полето на интегрирање на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетите и има за цел да придонесе кон имплементација на меѓународните и националните обврски за остварување на родова еднаквост. На настанот беа претставени придобивките и досегашните практики при интегрирање на родово одговорното буџетирање во процесите на планирање на програмите и буџетите на ниво на локалните самоуправи, а воедно беа презентирани и целите и планираните активности во рамки на проектот. Покрај потпишувањето на Меморандумот за соработка, на официјалниот почеток на втората фаза од овој проект се одржа и панел дискусија на тема „Промовирање  родово одговорни политики и буџети, искуства и идни стратегии” на која учество зедоа претставници на повеќе државни институции и здруженија на граѓани, а беше прикажан и документарниот филм „Одржлива родова еднаквост – филм за локални пракси за вклучување на родова перспектива во главните текови”.

Проектот ќе се реализира во периодот 2013-2016 година и истиот ќе биде финансиски поддржан од Австриската развојна агенција и Швајцарската агенција за развој и соработка. Во рамките на овој проект, којшто е реализиран од UN Women – Тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, претставници на администрацијата на Градот Скопје досега присуствуваа на поголем број на обуки и семинари за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање, како и на неколку студиски посети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.