Град Скопје: Проблемот со загаденоста е комплексен, преземаме мерки што се во наша надлежност

Градот Скопје реагира на обвинувањата на СДСМ, во кое се тврди дека градската власт нема капацитет ниту волја за надминување на проблемите со загадениот воздух во Скопје.

„Проблемот со загаденоста на воздухот во Скопје е проблем кој е многу комплексен и за решавање на истиот се вклучени голем број на институции, вклучувајќи го и Градот Скопје. Градот Скопје во минатото и сега делува на ова поле преку голем број на мерки, согласно законските ингеренции. Градот учествува во Меѓусекторското координативното тело за квалитет на воздух, формирано заради решавање на проблемите со загадувањето на воздухот со интерсекторски пристап, бидејќи поради комплексноста на проблемот и законските ингеренции, во решавањето на истите се вклучени голем број на државни и локални институции и претпријатија. Во таа насока беше и расправата на денешната седница на Советот на Град Скопје, каде беше усвоена Информација за краткорочните и долгорочните мерки и активности кои ќе ги преземе Градот Скопје за справување со постојаното енормно загадување на амбиентниот воздух во градот Скопје, со посебен акцент на постојниот зимски период кога загадувањето е најкритично. Во оваа информација беа наведени сите 45 мерки кои во континуитет ги спроведува Градот Скопје, ќе ги спроведе во идниот период, како и оние мерки кои ќе се спроведат доколку повеќе од 10 дена има поголема загаденост на воздухот од дозволената“, се вели во реакцијата на Градот.

Дел од активности коишто во континуитет ги спроведува Градот Скопје, се:

  • Активно учество во меѓусекторското координативното тело за квалитет на воздух, формирано заради решавање на проблемите со загадувањето на воздухот со интерсекторски пристап;
  • Подготвување информации и иницијативи до Комитетот за здравје и животна средина, каде редовно се разгледуваат и разрешуваат проблеми од областа на животната средина, а особено од сферата на загадувањето на амбиентниот воздух;
  • Активно учество во изработка на Националната стратегија за здравје и животна средина, што се изработува преку Министерството за здравство и СЗО, а  чиј посебен сегмент и најприоритетен проблем е квалитетот на воздухот;
  • Учество во  активностите со МЖСПП, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за управување со кризи, Управата за хидрометеоролошки работи при секое надминување на граничните вредности за информирање и алармирање;
  • Зајакната инспекциска контрола на сите индустриски капацитети – потенцијални загадувачи кои работат со добиена Б интегрирана дозвола, издадена од страна на Градот Скопје;
  • Воведен е автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС), со кои значително е намален сообраќајниот метеж, а со тоа и загадувањето;
  • Континуирано афирмирање и надградба на проектот за изнајмување велосипеди, со набавка на нови велосипеди и поставување на нови пунктови;
  • Промоција на воспоставената апликација „Патувај зелено“ (Skopje Green route). Апликацијата овозможува добивање на информации во реално време, за застоите во сообраќајот и причините за тоа. Истовремено, се следи концентрацијата на CO2 на 4 крстосници во градот, како индикативен податок за степенот на сообраќај; и многу други.

Новитет е проектот за апликација на калциум – магнезиум – ацетат на сообраќајниците во градот, заради контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Оваа метода се применува во големите светски метрополи како што се Лондон, Виена, Клагенфурт, Линц, Хелсинки, Брунек, Штудгард, Стокхолм, Гетеборг итн, чија понатамошна примена ќе зависи од првичните резултати што ќе се добијат во наредната зимска сезона. Средството е набавено и во моментов се работи на адаптација на возила на јавните претпријатија за дистрибуција на истото, посочуваат од Градот.